Инфо

Граѓанските организации бараат измени на Законот за сметководство на непрофитните организации

Центарот за даночна политика (ЦДП), во рамки на проектот „Промени за одржливост“, финансиран од Европската унија, а спроведуван од „Конект“ во партнерство со Фондација „Аполонија“ и ЦДП, изработи анализа од која произлегоа препораки кои претставуваат основа за започнување на дијалог со институциите за менување на Законот

среда, 29 август 2018

По 15 години функционирање, утвредена е неопходноста од измени на Законот за сметководство на непрофитните организации. Измените на Законот, кој ги пропишува сметководствените принципи и правила, како и основните финансиски информации по кои известуваат граѓанските организации, ги бара Мрежата за финансиска одржливост на граѓанските организации во која има 79 членки, а со цел обезбедување подобра правна рамка.

Центарот за даночна политика (ЦДП), во рамки на проектот „Промени за одржливост“, финансиран од Европската унија, а спроведуван од „Конект“ во партнерство со Фондација „Аполонија“ и ЦДП, изработи анализа од која произлегоа препораки кои претставуваат основа за започнување на дијалог со институциите за менување на Законот. Во рамки на анализата беше спроведена и анкета помеѓу испитаници од 70 различни граѓански организации преку која се овозможи идентификување на потенцијалните недостатоци и делови кои создаваат конфузија во примената на Законот.

А, дел од препораките се: усогласување на Законот со Правилникот за сметководството на непрофитните организации; редефинирање или донесување нов правилник за формата и содржината на Сметковниот план; дополнување и промени во Сметковниот план; укинување на обврската за годишна ревалоризација на долгорочните средства; потоа препораки во насока на зголемување на транспарентноста на финансиските извештаи, покрај извештајот, се препорачува доставување и на наративен дел и белешки со објаснување. Исто така, се препорачува прецизно дефинирање на критериумите за утврдување на „микро“ непрофитни организации кои што не се обврзани да поднесуваат завршна сметка; пропишување критериуми за утврдување големи непрофитни организации и обврска за ревизија на нивните финансиски извештаи...

Анализата покажала дека ефикасноста на финансиските и на даночните контроли би се зголемила со подобрување на транспарентноста, што е од клучно значење за привлекување нови извори за финансирање, бидејќи преку зголемување на транспарентноста се подига довербата во мисијата и остварените резултати, со што организацијата го зголемува својот капацитет за апсорбирање нови финансиски средства.
 

Содржината е прочитана 67 пати.