Бизнис вести

Во Гиновце е отворена првата фабрика за производство на пелети „Еколајф“

Инвестицијата во вредност од три милиона евра е на компанијата „Голден арт“ во сопственост на Роберт и Ивица Јакимовски

среда, 29 август 2018

Првата домашна фабрика за производство на пелети „Еколајф“ вчера беше официјално пуштена во употреба. Фабриката, што ќе работи по највисоки европски стандарди и со најсовремена опрема за производство на енергенс за затоплување од обновливи извори на енергија е домашна инвестиција во вкупна вредност од три милиона евра, на компанијата „Голден арт“ во сопственост на Роберт и Ивица Јакимовски.

„Технолошкиот процес е инсталиран со најсовремена и модерна техночогија со управување на еден човек во една смена. Почетниот број на директни вработени во компанијата е 40, а во идните месеци се очекува бројката да се искачи на 100. Покрај директните вработувања ’Еколајф’ ќе придонесе за значаен економски развој на територијата на општина Ранковце, Крива Паланка и на целата држава преку дополнителните вработувања во делот на добавувачи на репроматеријали. Покрај пелети, ’Еколајф’ ќе понуди и печки и камини со преку 96 отсто согорување, кои не ја загадуваат средината и се економски најисплатливи за греење“, рече Ивица Јакимовски, еден од сопствениците на „Еколајф“.

Фабриката ќе работи со капацитет до три тона на час и веќе поседува неколку сертификати: сертификат за систем за управување со квалитет EN ISO 9001:2015; систем за управување со животна средина EN ISO 14001:2015 и сертификат FSC® Chain-of-Custody – C142648. Во постапка е добивањето на сертификатот EN Plus.

„Радува фактот што оваа фабрика ќе даде нова димензија на еко-свеста во Македонија, преку производство на еколошки производи. Оваа домашна инвестиција нека мотивира и поттикне многу домашни инвеститори да ги следат храбрите чекори на сопствениците на ’Еколајф’“, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
 

Содржината е прочитана 81 пати.