Инфо

Нема да се укинува евтината тарифа за домаќинствата

Од Регулаторната комисија за енергетика уверуваат дека доколку граѓаните одлучат со струја да ги снабдува универзален снабдувач, нема да биде доведен во прашање воведениот модел кој предвидува евтина струја

петок, 24 август 2018

„На регулираниот пазар ќе важат истите услови за евтина тарифа како досега за домаќинствата. Да не се шири фама и нервоза дека ќе се укине, евтината струја не се укинува“, рече вчера Марко Бислимовски претседател на Регулаторната комисија за енергетика уверувајќи дека доколку граѓаните одлучат со струја да ги снабдува универзален снабдувач, нема да биде доведен во прашање моделот кој предвидува евтина струја два часа во одреден период од денот и 24 часа во недела.

Следниот месец стартува постапката за избор на универзален снабдувач. Меѓународниот тендер треба да заврши до крајот на годинава, а веќе од 1 јануари 2019 да стартува либерализацијата на пазарот со електрична енергија. Законот не дозволува одложување на либерализацијата и се до изборот на универзален снабдувач, оваа дејност ќе ја врши досегашниот снабдувач.

Надлежните велат дека нема да има промени во цената на струјата за домаќинствата, па препорачуваат граѓаните да останат на регулираниот пазар. Но, како што појасни Бислимовски, нема да има проблем да се премине од еден на друг пазар, тие можат во секој момент да излезат од регулираниот и да бидат снабдувани на слободниот пазар доколку условите се поповолни.

Иако фирмата законски не е обврзана да нуди поевтина струја, од РКЕ очекуваат, по примерот на мобилната телефонија, снабдувачите со струја да понудат атрактивни пакети со кои ќе ги задржат клиентите, а ќе го зголемат и времетраењето на евтината тарифа. Од РКЕ информираат дека новина е тоа што Законот предвидува право на надомест на штета доколку корисниците не се задоволни од услугата, ако струјата е слаба или ако има прекини во снабдувањето.
 

Содржината е прочитана 59 пати.