Бизнис вести

Ова не е погоден момент за воведување прогресивно оданочување на личниот доход, смета бизнис заедницата

Македонија 2025, АмЧам Македонија и МАСИТ спроведоа заедничко истражување кое покажа дека воведувањето прогресивен данок на персонален доход нема да ја подобри социјалната еднаквост, а ќе ја намали продуктивноста, вработливоста и развојот на квалификации

петок, 24 август 2018

Воведувањето прогресивно оданочување на персоналниот доход во овој момент нема да го постигне посакуваниот ефект – нема да ја подобри социјалната еднаквост, а ќе ја намали продуктивноста, вработливоста и развојот на квалификации. Ова е накусо мислењето изготвено по детаљното истражување што го спроведоа Американската стопанска комора во Македонија - АмЧам Македонија, Македонија 2025 и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ. Истражувањето беше направено откако бизнис заедницата во Македонија искажа голема загриженост по најавите за воведување прогресивен данок на персоналниот доход.

Претставувајќи ги ставовите и мислењата на над 200 најголеми и најиновативни компании во државата, во мислењето коешто овие асоцијации веќе го доставија до Министерството за финансии, се презентирани аргументите за ефектот што воведувањето ваков данок би го имало врз економијата.

„Кога станува збор за економиите во развој, меѓународните најдобри практики и значителните емпириски докази говорат во полза на системот за рамноправно оданочување како клучен фактор кој ги движи влезните инвестиции. Сметаме дека економијата ќе има корист од сеопфатна даночна реформа, заснована на усогласен пристап во кој бизнис секторот игра значајна улога. Ова мислење е дел од поширока иницијатива да се создаде дијалог помеѓу релевантните страни во насока на подобрување на бизнис средината и инвестициската клима во земјата“, се вели во мислењето.

Од Македонија2025 ги појаснуваат ставовите засновани врз истражувањето.

Прво, сметаат дека е нејасно како ќе се распределат дополнителните средства собрани со зголемувањето на персоналниот данок – дали директно ќе се искористат за подобрување на социјалната нееднаквост или за генерални расходи? Доколку се користат за генерални расходи, ефектот ќе се поништи, бидејќи од истиот буџет ќе се субвенционира приватниот сектор. А, ако се користат директно за подобрување на социјалната нееднаквост и за да се покачи износот на социјалната помош до 12,000 денари за четиричлено семејство, тогаш таквата мерка ќе доведе до зголемување на невработеноста, зашто социјалната помош ќе се изедначи со минималната плата, па оние кои работат за минималец ќе се одлучат да не работат а да земаат социјална помош. Исто така, предложената мерка ќе доведе до намалување на продуктивноста и вработливоста, но и ќе го дестимулира развојот на високо квалификувани кадри, бидејќи зголемувањето на данокот на личен доход најмногу ќе ги погоди оние кои вложувале во сопствениот професионален развој и ќе испрати порака дека квалификуваноста е неисплатлива.

Од друга страна, предложените мерки ќе ја намалат даночната послушност и ќе ја зголемат сивата економија на тој начин што ќе се зголеми даночното затајување, ќе се бараат дополнителни начини за даночна евазија (пријавување на само дел од доходот наместо на полниот износ, исплаќање на доходот на сметки во други земји, Payoneer картички). Истовремено ќе дојде до намалување на бројот на даночни обврзници, до отежнато прибирање на даноците, а ќе се зголемат трошоците и комплексноста на прибирање даноци, бидејќи воведувањето прогресивен данок на личен доход ќе доведе до зголемување на неформалното вработување, со што ќе се намали бројот на даночни обврзници.

И, на крајот, сето тоа ќе се одрази негативно врз растот и развојот на економијата. Ќе се намалат инвестициите, бидејќи секое менување на даночните регулативи го комплицира работењето на компаниите во приватниот сектор поради неможноста да се планираат трошоците, а од друга страна внесува и несигурност и кај домашните компании и кај странските инвеститори.

Воведувањето прогресивен данок ги таргетира високо квалификуваните и професионални кадри кои веќе се дефицитарни во Македонија. Од Македонија 2025 појаснуваат дека во државава се исплаќа бруто плата и оти не постои механизам кој ќе ги обврзе компаниите да ја зголемат бруто платата за нето износот да остане ист по зголемување на придонесите. Оттаму, многу е веројатно зголемениот даночен товар да падне врз грбот на вработените наместо на работодавачите, а тоа неминовно ќе доведе до одлив на квалификуваните кадри во земји со поповолна даночна клима.

„Поради сето ова сметаме дека ова не е погоден момент за воведување прогресивно оданочување на личниот доход, особено не во формата која што неофицијално беше имплицирана. АмЧам, МАСИТ и Македонија2025, како и останатите бизнис асоцијации имаат ресурси, експертиза и капацитет да го поддржат Министерството за финансии во изготвување на сеопфатна даночна стратегија и реформа која во исто време ќе придонесе кон зголемување на бројот на даночните обврзници, подобрено собирање на даноците, правична распределба на средствата и зголемена социјална еднаквост без негативно да влијае врз севкупната економија и нејзиниот раст“, се вели во мислењето испратено до Министерството за финансии со кое бизнис асоцијациите од Македонија нудат соработка за заеднички да се формулира решение што ќе биде прифатливо за сите сфери на општеството.
 

Содржината е прочитана 28 пати.