Бизнис вести

Нов повик и нови критериуми за субвенциониран авиопревозник

Владата ги донесе Уредбата за начинот и за критериумите за доделување финансиска поддршка на авиокомпании и Програмата за определување средства потребни за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај за периодот 2019-2021 година

среда, 22 август 2018

Владата почна нова постапка за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авиокомпании. Ги донесе Уредбата за начинот и за критериумите за доделување финансиска поддршка на авиокомпании и Програмата за определување средства потребни за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај за периодот 2019-2021 година.

„По нејзино објавување во Службен весник по неколку дена ќе се формира комисија за евалуација и ќе биде распишан јавен повик за финансиска поддршка на авиокомпаниите. Ги повикувам сите заинтересирани авиокомпании да се пријават на повикот и уверувам дека ќе се избере авиопревозник кој ќе достави најдобра понуда“, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Министерот потенцираше дека новата Уредба содржи и неколку значајни измени.

„Избраниот авиопревозник ќе има обврска од 10 јануари 2019 година да воспостави и да одржува база од најмалку еден авион, било во Скопје, било во Охрид. Ќе има обврска и да воведе најмалку две нови дестинации од Скопје, односно четири од аеродромот во Охрид. Не ја исклучуваме можноста во иднина да се воведат и прекуокеански летови, но тоа ќе зависи од авиокомпаниите“, рече Сугарески.

Со програмата на Владата предвидено е од буџетот на Министерството за транспорт и врски за субвенции за нискобуџетни авиокомпании да се дадат 312,4 милиони денари, односно пет милиони евра, пари кои ќе се исплаќаат од 2018 до 2021 година.

Инаку, првичната анализа на Министерството за транспорт и врски покажала дека има можност за воспоставување национален авиопревозник.

„Воспоставување национален авиопревозник не е исклучено од целата постапка што се води за обезбедување авиопревоз. Сега се анализираат можностите за обновување на постапката во рамки на Министерството, а во подоцнежната фаза ќе биде вклучен и консултант и ќе биде подготвена физибилити студија“, истакна Светлана Глигоровска од Министерството за транспорт и врски на денешната прес-конференција.

 

 

Содржината е прочитана 81 пати.