Бизнис вести

Распишан конкурсот за доделување признание за придонес во туризмот

Признанија ќе бидат доделени во следните категории: хотел (поткатегории: спа, планински, езерски, градски и нова инвестиција), ресторан, сместувачки капацитет од физичко лице, туристичка агенција, туристичка агенција за дојдовен туризам, манифестација од областа на туризмот, туристички водич и најдобар реализиран проект од областа на туризмот

среда, 22 август 2018

Министерството за економија го објави годинешниот конкурс за додлеување признание за придонес во туризмот, кој ги диференцира најуспешните во следните категории: хотел (поткатегории: спа, планински, езерски, градски и нова инвестиција), ресторан, сместувачки капацитет од физичко лице, туристичка агенција, туристичка агенција за дојдовен туризам, манифестација од областа на туризмот, туристички водич и најдобар реализиран проект од областа на туризмот.

Конкурсот ќе трае до 9 септември, а најуспешните ќе добијат признанија на традиционалната свеченост што ќе се одржи на 27 септември кога Министерството за економија го одбележува Светскиот ден на туризмот. Наградата е нематеријална и има за цел да даде почит на сите поединци, здруженија на граѓани и претпријатија кои изминатата година дале свој придонес кон растот и развојот на туризмот во Македонија и да ги потврди добрите практики на сите чинители во туризмот во земјата.

Новитет е што годинава, покрај туристичките работници преку своите деловни здруженија, предлози за најуспешните во споменатите категории можат да даваат и самите потрошувачи, поточно туристите, преку формулар за аплицирање, кој е ставен на веб страницата на Министерството за економија, заедно со насоки за аплицирање, со образложение зошто го предлагаат токму тој туристички производ. Право да предлагаат имаат и институции, претпријатија, здруженија на граѓани, комори и општини.

Предлозите се доставуваат во писмена форма на формулар за пријава по пошта или преку архивата на Министерството за економија. Изборот ќе го направи посебна комисија врз однапред утврдени критериуми. Предидено е восекоја категорија и поткатегорија да се доделат по три признанија.

 

Содржината е прочитана 37 пати.