Инфо

Владата ќе вложи 700 илјади евра за пошумување на Водно по изградба на гасоводот

Низ Водно треба да помине подземна гасоводна цевка во должина од девет километри, по траса со широчина намалена од 25 на 10 метри. Притоа ќе биде исечено помалку од два хектари шума, што е 0,07 отсто од вкупната дрвна маса на Водно

среда, 22 август 2018

Штетата на Водно од изградбата на гасоводот ќе биде сведена на минимум, а потоа просторот ќе биде ревитализиран така што воопшто нема да се забележува дека тука имало градежни активности. Владата ќе вложи 700 илјади евра за повторно пошумување на планината по завршување на градежните работи.

„Во моментов се градат сите три делници од гасоводот: Штип-Неготино ќе биде завршена до крајот на годината, а на Неготино-Битола и на Скопје-Гостивар преку Тетово се реализирани 25 проценти од градежните активности и ќе завршат до втората половина на 2020 година. Низ Водно треба да помине подземна гасоводна цевка во должина од девет километри, а широчината на трасата успеавме да ја намалиме од 25 на 10 метри. На Водно ќе се сечат помалку од два хектари шума, што е 0,07 отсто од вкупната дрвна маса на Водно, односно 1.400 кубни метри дрво. Теренот потоа ќе се врати во првичната состојба и по неколку месеци, нема ни да се познава дека тука поминува гасовод. Во рекултивација и во пошумување на просторот ќе бидат вложени 42,9 милиони денари“, рече директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи на денешната прес конференција.

Токму предвидените 9 километри од гасоводот што треба да поминуваат преку Парк-шумата „Водно“ предизвика жестоки реакции во јавноста, бидејќи е предвидено и сечење дрвја во тој појас. Но, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески рече дека се направени отстапки во проектот.

„МЕР изработи проект со кој се намалува сечата на дрвна маса на 1.400 кубни метри, а ширината на трасата се намалува од 25 на 10 метри“, рече Сугарески.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов истакна дека гасоводот е за општо добро и оти Скпје нема право да ја спречува гасификацијата на другите градови.

„Немаме право да стоиме на патот на гасификацијата на други градови. Изградбата на гасоводот е за доброто на сите нас, но и Скопје не смее да биде жртва на овој процес. Владата и МЕР обезбедија 43 милиони денари за пошумување на Водно, а ќе се пошумуваат и соголените падини на Скопска Црна Гора, имаме владина поддршка за зелени коридори долж реките Лепенец и Серава, еден милион денари за градско зеленило, а ќе се носи и закон за Парк-шумата ’Водно’ и кањонот ’Матка’. Ова е првпат некој да чепка на Водно и истовремено да обезбеди средства за негова ревитализација“, изјави Шилегов.

Заменик министерот за екологија, Јани Макрадули, пак, потенцираше дека гасификацијата не значи дека Водно ќе биде дадено, туку дека ќе се подобри животната средина во Скопје со намалување на емисијата на јаглерод за 23 отсто.

„Доколку ништо не промениме во Скопје, емитувањето на ПМ10 честитки ќе се зголеми за 31 процент, а ако се преземе нешто, тогаш над 70 отсто ќе се намали емитувањето на овие честички“, рече Макрадули.

Дректорот на МЕР, Реџепи појасни зошто е невозможно да се прифати барањето на невладините организации за преселба на трасата на Скопска Црна Гора.

„Тоа е невозможно во оваа фаза. Тоа решение не би било добро од еколошки аспект, бидејќи таму би требало да се сечат дури и повеќе дрвја, а гасоводот би поминувал преку ерозивен терен и низ густо населени места и би се вкрстувал со главниот извор на водоснабдување на Скопје. Тоа би значело и одложување на гасификацијата за пет години“, рече Реџепи.

Трасата за изградба на гасоводот преку Водно е проектирана во 2015 година, а дозволата за градба е дадена во 2016 година.
 

Содржината е прочитана 31 пати.