Инфо

Граѓаните се повеќе земаат кредити од банките

Вкупните кредити во јули се зголемиле за 0,4 отсто, што во целост се должи на зголеменото кредитирање на секторот домаќинства, додека растот на годишно ниво изнесува 6,2 отсто. Кредитирањето на копоративниот сектор, пак, бележи намалување

среда, 22 август 2018

Расте задолжувањето на граѓаните кај банките. Според последните податоци на Народната банка на Репубика Македонија (НБРМ) вкупните кредити во јули се зголемиле за 0,4 отсто, а тоа во целост се должи на зголеменото кредитирање на секторот домаќинства, додека кредитирањето на копоративниот сектор бележи намалување.
Кредитите растат и на годишно ниво и овој раст изнесува 6,2 отсто. И тука најголем дел, дури 76,3 проценти е резултат на кредитирањето на домаќинствата.

Кредитите на компаниите бележат месечен пад од 0,4 отсто во јули. Од НБРМ наведуваат дека во услови на раст на кредитите во странска валута, месечната промена во целост се објаснува со намаленото кредитирање на корпоративниот сектор во денари.

„На годишна основа, пак, бележиме раст на кредитната активност од 2,7 отсто која се должи на зголеменото кредитирање во денари, во услови на намалено кредитирање во странска валута“, се вели во соопштението од НБРМ.

Вкупните кредити на домаќинствата во јули остварија месечен раст од 1,1 отсто и годишен од 10 проценти. Притоа, месечниот и годишниот раст на кредитирањето на домаќинствата во поголем дел се должи на кредитите одобрени во денари (учество во растот од 67,3 отсто и 61,8 отсто соодветно).

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити во јули е регистриран месечен раст од 1,3, односно од 1,5 отсто, при годишен раст од 11,2 отсто кај потрошувачките и 16 проценти кај станбение кредити.

Во јули, кај автомобилските кредити е евидентирано месечно намалување од 0,5 отсто, во услови на годишен раст од 0,7 отсто.

„Овој месец кредитите одобрени на кредитни картички не остварија промена на месечна основа, додека на годишна основа бележат намалување од еден отсто. Кај негативните салда на тековните сметки е остварен месечен и годишен раст од 0,4 отсто, додека кај кредитите одобрени врз други основи е регистрирано месечно и годишно намалување од 0,1 отсто“ велат од НБРМ.

 

Содржината е прочитана 34 пати.