Култура

Вечерва почнуваат 57. Струшки вечери на поезијата

На годинашното фестивалско издание ќе учествуваат 30 поети од 29 земји меѓу кои Полска, Финска, Франција, Германија, Израел, Грција, Албанија, Монголија, Шведска, Ерменија…, како и 50-ина поети од Македонија

среда, 22 август 2018

Со традиционално читање на Константиновата Т’га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, вечер почнува 57. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, што до 27 август ќе се одржува на различни локации низ Струга и во неколку градови во државата.

Според традицијата, претпладне во Паркот на поезијата ќе биде засадено дрво во чест на добитникот на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ – полскиот поет Адам Загајевски, каде ќе се чита поезија, а потоа ќе има прес-конференција со лауреатот.

По официјалното отворање на манифестацијата вечерта следува меѓународно поетско читање „Поетски меридијани“.

Утре на програмата е претставување на портрет на Михаил Ренџов, минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија и поетски читања на поети од потесниот избор за оваа награда за 2018 година. Претставување на портрет ќе има и за Паули Тапио, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга, како и за други учесници на фестивалот.

Фестивалот ќе заврши в недела со манифестацијата „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“

На годинашните 57. Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 30 поети од 29 земји меѓу кои Полска, Финска, Франција, Германија, Израел, Грција, Албанија, Монголија, Шведска, Ерменија…, како и 50-ина поети од Македонија.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 44 пати.