Интервјуа

Јас не можам да побегнам од зборот, а ниту тој од мене

Ексклузивно интервју со Јелена Бачиќ-Алимпиќ, писателка од Србија, еден од најпродаваните автори на балканските простори. Таа беше специјална гостинка на агенција „Марили“ на тематскот ден „ДАМА-ДА“ што во март се одржа во Скопје

понеделник, 20 август 2018

 

МАРИЛИ: Двете книги „Никаде те нема“ и „Куферот од Берлин“ дојдоа релативно брзо една по друга, поточно за една година. Од каде ја црпите инспирацијата бидејќи, иако и во двете во фокусот се последиците од главното дејство што се случува во воени денови, сепак, книгите се сосема различни, во едната е третирана Првата, а во другата Втората светска војна? 
БАЧИЌ-АЛИМПИЌ:
Секоја книга има своја посебна приказна и сите се историска драма, а „Куферот од Берлин“ жанровски се разликува од претходните и по тоа што во овој роман има многу елементи на трилер, па дури и детективски жанр. Сепак, останав доследна на своето пишување, па така и во оваа книга читателите можат да доживеат уште една голема љубовна приказна.
За мене инспирација е самиот живот. Во моите романи се свртувам кон минатото бидејќи сегашноста не ме инспирира.

МАРИЛИ: Вашата последна книга „Куферот од Берлин“ е приказна во која се преплетени љубовта, страдањето, историјата. Повторно пишувате за војната и за сите ужаси што таа ги носи, но, исто така, и во овој роман одново сте во Русија. Зошто повторно Русија, како дојдовте до идеја токму опсадата на Ленинград во Втората светска војна да биде главен заплет околу кој се вртат сите натамошни случувања?
БАЧИЌ-АЛИМПИЌ
: Како што реков, ја сакам историјата, а опсадата на Ленинград беше и остана забележана како ужас без преседан во текот на Втората светска војна. Додека на другите фронтови се воделе борби, Ленинград е единствениот град во кој не стапнала окупаторската нога, туку Германците приближно 900 денови го изгладнувале народот до смрт. Преку 600.000 ленинграѓани умреле или од глад или од замрзнување. Тоа се незамисливи страдања. 
Во Санкт Петербург отпатував за да ги посетам сите музеи, архиви, цркви, гробишта и со свои очи да го доживеам овој величествен град. Имав среќа да ја запознам Вера, историчарка на уметност во пензија, која ми раскажа каква трагедија доживеало нејзиното семејство за време на опсадата на Ленинград. Сето тоа длабоко ме потресе и ме вдахнови.

МАРИЛИ: Со леснотија го опишувате битисувањето на главниот лик, неговиот живот, чувства, доживувања. Вашето извонредно познавање на човековата душа најдобро се гледа во описот на карактерите, на емоциите и на страдањата, при што читателот останува со чувство на припадност и на сочувство со ликот. Се радува заедно со него, плаче, тагува, боледува. Неговото страдање го доживува како лично страдање. Зошто има толку многу страдање во Вашите книги и дали во ликовите има и некое Ваше лично доживување? Колку делата Ви се автобиографски?
БАЧИЌ-АЛИМПИЌ:
Нема автобиографија во моите романи, но затоа, пак, во женските ликови многу ме има мене. Сите мои емоции, размислувања, сеќавања се вткаени во ликовите што ги создавам. Од страдањата се раѓаат најдобрите дела. Додека пишувам, страдам, љубам, се радувам, живеам!

МАРИЛИ: Во сите Ваши романи во фокусот е жената, а главен мотив е љубовта, но секогаш е во нераскинлива врска со гревот. Зошто? Дали е возможно воопшто да се спознае љубовта без грев?
БАЧИЌ-АЛИПИЌ:
Мислам дека не е можно. Љубовта, сама по себе, не е грев. Но, сепак, мислам дека сите ние во суштина сме грешни и дека никој од нас не е совршен. Не сум сигурна дека е возможно правата вистинска љубов да се спознае без грев. 

МАРИЛИ: Во контекст на жената и на сето она што ја прави дама - Вие бевте гостинка на тематскиот ден „ДАМА-ДА“ што го организираше „Марили“, а беше посветен на здравјето и на убавината на современата жена. Може ли да ги споделите со нас Вашите впечатоци од овој настан и да ни кажете каков е Вашиот став околу местото на денешната жена во општеството?
БАЧИЌ-АЛИМПИЌ:
Ми беше задоволство и чест што бев гостинка на тематскиот ден „ДАМА-ДА“ во Скопје. Впечатоците се фантастични. Навистина ми беше задоволство да се дружам со присутната публика. Како што реков на конференцијата, денешната жена, па и сите жени во минатото, го носат товарот на целиот свет на своите рамена и ниеден маж не може да понесе толку колку што може жената.

МАРИЛИ: Според Вашето мислење, што е потребно за една жена да биде дама? Дали е доволно да биде исполнета, да биде сакана или да биде сакана, но истовремено и да има успешна кариера?
БАЧИЌ-АЛИМПИЌ:
Сѐ што наброивте е потребно за да може една жена да биде дама. Исто така, дама се станува, не се раѓа. Потребно е многу работа на себе за да можеме да се нарекуваме дами. 

МАРИЛИ: Колку е лесно или тешко да се балансира меѓу професионалниот ангажман и приватните обврски? Возможно ли е да се стави равенство меѓу кариерата и љубовта?
БАЧИЌ-АЛИМПИЌ:
Многу е тешко. Во минататото, додека работев на телевизија, имав навистина тешка задача да балансирам меѓу работата и семејството, особено додека децата беа мали. Но со поддршката од мојот сопруг, со компромис и со разбирање, ништо не е невозможно.

МАРИЛИ: Освен со пишување, со што друго сте ангажирана? Имате ли некакви други активности? Што Ве прави среќна, секако, покрај работата?
БАЧИЌ-АЛИМПИЌ:
Само пишувам. Освен книги, пишувам и колумна за „Базар“, престижниот женски магазин во Србија, а често уредниците на весници бараат да напишам некој патопис. Јас не можам да побегнам од зборот, а ниту тој од мене. Среќна ме прави мирот во мојата куќарка на Брдо, каде што творам и од каде што ги одговарам прашањата за ова интервју.

 


 

Содржината е прочитана 1282 пати.