Инфо

Агенцијата за храна и ветеринарство открила 30 можни производители на ГМО ориз

Веќе е позната и сортата ориз добиена од генетски модифицираното семе, а претходните количини ориз со ГМО се соодветно запленети и уништени

понеделник, 20 август 2018

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) продолжува со засилени контроли на терен откако открила 30 можни производители на генетски модифициран ориз. Ќе се утврдува дали и колку ваков ориз тие произвеле на своите ниви и дали одредени количини завршиле и кај потрошувачите.

Како што соопшти денеска директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов позната е и сортата ориз добиена од генетски модифицираното семе. Тој истакна дека претходните количини ориз со ГМО билe соодветно запленети и уништени.

„Запленетите количини се уништени. Екипите се на терен, па детаљно ќе се види кои се тие производители. Добиен е список од 30 можни производители кај кои ќе се појде, меѓутоа, тоа треба да биде во соработка со Управата за семе и семенски материјал во Министерството за земјоделство. Има законски регулативи кои ќе се преземат. Зајакнати се контролите, се спроведува мониторинг програмата“, изјави Атанасов.

Тој тврди дека строго се контролираат и граничните премини. Појасни дека веќе се подготвува и план за контрола и на реколтата ориз за новата сеидбена сезона за наредната година.

На 9 август АХВ соопшти дека во соини презли и шницли и во кочански ориз се откриени генетски модификувани организми. Присуството беше потврдено и преку извршена суперанализа во референтна европска лабораторија. Производите беа уништени, а за компаниите беа изречени казни.

 

Содржината е прочитана 95 пати.