Култура

Спуштена завесата на фестивалот„Охридско лето“

Околу 800 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 27 земји од светот беа дел од богатата уметничка програма на годинашното 58 издание на „Охридско лето“

понеделник, 20 август 2018

Со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци, а во продукција на Словенечки народен театар „СНГ Драма“ од Љубљана, Цанкарев дом и Градски театар од Словенија, синоќа беше спуштена фестивалската завеса на „Охридско лето“.

Околу 800 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари од 27 земји од светот беа дел од богатата уметничка програма на годинашното 58 издание на „Охридско лето“.

Директорката на оваа Национална установа, Сузана Вренцовска истакна дека благодарение на поддршката и заложбите на Министерството за култура, на Општина Охрид, како и на помошта од верните спонзори и пријатели на фестивалот, публиката уживаше во неповторливи настапи на врвни уметници од светот на музиката и театарот.

„На наше задоволство, на сите уметници, независно дали се домашни или меѓународни, им понудивме исти услови и обезбедивме соодветен третман, достоен на врвните уметнички имиња учесници на фестивалот ’Охридско лето’. Секоја вечер, секој настан се одржуваше пред полни трибини, задоволна публика, во знакот на беспрекорна сценско-техничка организација. Со домаќинско работење и строго наменско трошење на средствата, но и со редовно сервисирање на обврските, годинешново фестивалско издание го завршивме со позитивно финансиско салдо. Тоа ми дава за право да речам дека ’Охридско лето’ 2018 е едно од најуспешните изданија, основа од која ќе ги градиме следните кои ќе бидат скалило погоре во однос на квалитетот“, рече Вренцовска на завршната прес конференција.

Притоа таа нагласи дека годинава има и зголемување на продажбата на билети, а он-лајн билети се купуваа од бројни земји од светот.

„Следејќи ги светските текови реализиравме преноси на настани во живо преку нашата веб-страница, концертот на Музичката младина на Македонија во црквата ’Света Софија’, и свеченото отворање на Антички. Посебно внимание посветивме и на дизајнот на пропагандниот материјал како и на маркетингот и промоцијата на фестивалот. Зад сето ова стои тимот на ’Охридско лето’ кој внесе огромна посветеност и професионализам. А, ’Охридско лето’ доби и нова брендирана билетарница за продажба на самиот кеј“, рече Вренцовска и појасни дека во Програмата за инвестиции за 2019 година веќе аплицирале со проект за монтажно гледалиште и монтажна сцена.

„Фестивал како што е ’Охридско лето’ заслужува да ги има сите неоходни услови за реализација на програмата. Тоа ќе значи дека настаните ќе може да се поставуваат на бројни места низ градот каде има услови за тоа“ рече Вренцовска додавајќи дека и натаму ќе ја застапува иницијативата за концертна сала во Охрид со чија изградба фестивалските настапи во иднина нема да зависат од временските прилики.

Осврнувајќи се на музичката програма на „Охридско лето“, музичкиот селектор, Васо Ристов истакна дека со понудената програма и екслузивните уметници Охрид повторно стана вистинска културна метропола и привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји и тоа токму само заради годинешните ѕвезди и квалитетната програма.

„И оваа година нашите заложби беа фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 фестивалски денови и во тоа успеавме. Доминантна беше класичната музика. Традиционално имавме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваа легендарни имиња од светската музичка сцена. Тоа се имиња на уметници по кои се паметат фестивалските изданија. Посебно задоволство е што најголемите ѕвезди на фестивалот, почнувајќи од спектакуларното отворање на 12 јули со сопранот Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовеану настапуваат заедно со македонските национални оркестри“, рече селекторот Ристов.

Како дел од настаните што го одбележаа ова издание тој ги спомена и концертите што се одржаа во соработка со амбасадите на странските земји во Македонија, како што беа Полската, Француската, Шпанската, Украинската, како и Вечерта на Европската унија.

Селекторот на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, Александар Поповски најави дека подготовките за следното фестивалско издание започнуваат веднаш по завршувањето на годинешното издание.

„’Охридско лето’ е еден фантастичен фестивал. Сум го сакал порано, а сега првпат имам можност да учествувам од другата страна на фестивалот и мислам дека допрва следат работи кои можат да го направат уште подобар. Како селектор ги гледам можностите што овој фестивал ги има и што се може да се направи. На едно место во месец и половина да собереш таква елита уметници од толку многу земји, е голема предност како за Охрид, така и за цела Македонија. Она на што ќе инсистирам за следната година е домашната продукција на претстави. Би сакал секој театар во Македонија да подготви претстава што ќе биде наменски презентирана првин овој фестивал. Ќе инсистирам сите претстави да се играат на отворено и на нови простори“, рече Поповски.

Тој најави дека една од идеите е фестивалот да има своја продукција, како што има фестивалот во Дубровник.
„’Охридско лето’ мора да има една претстава во сопствена продукција. Тоа ќе го направиме следната година“, додаде селекторот на драмската програма Александар Поповски.
 

Содржината е прочитана 68 пати.