Култура

Рускиот виолончелист Александар Књазев вечерва на „Охридско лето“ со дела од Бах

Синоќа публиката во „Света Софија“ ја воодушеви белгиско-српскиот пијанист со светска слава, Александар Маџар

среда, 01 август 2018

Фестивалската програма на „Охридско лето“ вечерва продолжува со настап на еден од најдобрите виолончелисти на денешницата, Русинот Александар Књазев кој ќе изведе дела од Јохан Себастијан Бах

Лауреатот на бројни интернационални натпревари, Књазев е еден од најдобрите виолончелисти на денешницата. Соработувал со извонредни диригенти – Евгени Светланов, Јури Темирканов, Мстислав Ростропович, Владимир Федосејев, Јури Башмет, Максим Шостакович и Ними Јарви. На полето на камерната музика негови партнери биле познатите руски имиња – виолинистот Вадим Репин, пијанистот Николај Лугански, виолинистот Виктор Третјаков, пијанистот Борис Березовски и многу други изведувачи од целиот свет.

Покрај изведувачката дејност, Књазев се занимава и со образовна дејност. Имено, тој е професор на Конзерваториумот во Москва, а редовно одржува и мајсторски-курсеви во Европа и Азија.

Синоќа, пак, публиката во „Света Софија“ ја воодушеви белгиско-српскиот пијанист со светска слава, Александар Маџар кој остави силен печат во музичката прогрограма на годинешното фестивалско издание на „Охридско лето“.

„Последен пат настапував на ’Охридско лето’ во 1991 година. Во меѓувреме бев уште еднаш во Охрид, во 1998 година, но како турист, за да им покажам на моите пријатели од Белгија колку е убаво овде. Програмата на концертот беше прекрасна, Хајдн, Чајковски, Брамс и Шопен. Ние музичарите се обидуваме секогаш да биде како што треба. Од друга страна и условите овде се совршени. ’Света Софија’ е прекрасна, акустиката е извонредна, а исто така и клавирот е одличен“, изјави Маџар.

Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ , професорот Васо Ристов вели дека фестивалот годинава го има најбараниот солист низ целиот свет, уметникот кој ја остави својата душа на концертниот подиум во црквата „Света Софија“.

 

 

 

 

 

Содржината е прочитана 48 пати.