Култура

Mакедонската литература ќе се претстави на саемот во Франкфурт

Над 1.400 книги на речиси сите издавачи во Македонија и публикации на национални установи ќе бидат изложени на претстојниот Саем на книга во Франкфурт, на специјално подготвен штанд под мото „Куќа на зборови, куќа на светови“.

среда, 14 октомври 2015

Над 1.400 книги на речиси сите издавачи во Македонија и публикации на национални установи ќе бидат изложени на претстојниот Саем на книга во Франкфурт, на специјално подготвен штанд под мото „Куќа на зборови, куќа на светови“. Втора година по ред комесар на претставувањето е Здружението на издавачи и книжари на Македнија (ЗИКМ) со поддршка на Министерството за култура.

На најголемата книжевна саемска манифестација и центар на издавачката индустрија во светот, в сабота, 17 октомври, ќе биде организиран и национален ден, насловен „Дожд од зборови“, на кој ќе бидат претставени четворица македонски автори, добитници на домашни и меѓународни награди - Митко Маџунков, Венко Андоновски, Блаже Миневски и Кица Колбе.

За нивното творештво ќе зборува Бенјамин Лангер, македонист и професор на Универзитетот во Берлин. Извадоци од творештвото на четворицата автори се застапени во каталог кој ќе биде достапен и во електронска форма. На штандот ќе има и реплики, сувенири, артефакти и други содржини кои ја илустрираат македонската културна традиција, а сето тоа под препознатливиот бренд „Македонија вечна“.

- Присуството на Република Македонија на оваа саемска манифестација, која има веќе 66-годишна традиција, е од исклучителна важност за презентацијата и промоцијата на македонската литература, македонските автори и издавачи во меѓународни рамки. И оваа година го прифативме концептот на саемот на книгата во Франкфурт да бидат претставени вредни изданија, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции кои ја претставуваат Република Македонија, нејзиното богато културно наследство и туристичките потенцијали, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска вчера на прес-конференција.

На франкфуртскиот саем, на кој секоја година во октомври учествуваат над седум илјади издавачи од светот, на штандот на РМ ќе биде презентирана и едицијата „135 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик, која е еден од капиталните проекти на Владата и Министерството за култура. Ќе биде презентиран и Конкурсот за превод на дела на македонски автори од странски издавачки куќи, за кој имало интерес на минатогодишниот саем во Франкфурт.

Претседателот на ЗИКМ Горјан Лазаревски истакна дека присуството на РМ на овој меѓународен настан е исклучително важно затоа што, како што рече, саемот е убава можност нашите автори да го промовираат своето творештво пред целиот свет.

- Ме радува што меѓу изданијата кои ќе ги презентираме на саемот се особено вредни публикации на институциите од областа на културата и на сите позначајни издавачи, не само членови на ЗИКМ. Наша цел е целокупна промоција на книжевниот опус кој се создава кај нас, со акцент на најзначајните македонски автори на денешницата. Македонија има што да понуди и на долг рок треба заеднички да работиме на изнаоѓање што поубедлив модел за континуирано присуство на македонската литература и култура насекаде во светот, рече Лазаревски.

Маџунков, Андоновски и Миневски сметаат дека организираното претставување на РМ на Саемот на книга во Франкфурт е од државен интерес затоа што литературата и воопшто културата е значаен сегмент од меѓународната афирмација на земјата.

Со поддршка на Министерството за култура, преку Годишната програма, до крајот на годинава литературата од Македонија ќе биде претставена и на саемите во Истанбул и Софија.

(Преземено од МИА) 

Содржината е прочитана 662 пати.