Инфо

Усвоени измените на Царинскиот закон, се намалуваат глобите за прекршоци

Со предложените измени глобата од 250 евра за правно лице се намалува на 50 евра и од 50 евра на 15 евра за физичко лице, за делот од царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог

вторник, 31 јули 2018

Собранието на Република Македонија вчера ги усвои измените и дополнувањата на Царинскиот закон со кои се овозможува побрз проток на стоки, олабавување на казнената политика и хармонизација со законодавството на Европската унија.

Целта на измените, како што појасни министерот за финансии, Драган Тевдовски образложувајќи го законот, е подобрување на легислативата за да се создаде униформна, правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок.

„Со предложените измени во прекршочните одредби се врши намалување на глобата од 250 евра на 50 евра за правно лице и од 50 евра на 15 евра за физичко лице, за делот од царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог“, рече Тевдовски.

Новиот изменет закон ќе овозможи заемно признавање на издадените одобренија за овластен економски оператор во рамки на ЦЕФТА, што ќе придонесе за олеснување на регионалната трговија. Тоа, смета Тевдовски, е голема придобивка за македонските трговски друштва кои тргуваат во регионот, бидејќи ќе им се овозможи побрз проток на стоката која се извезува, помалку физички и документарни контроли и можност да го одберат местото каде ќе се спроведат контролите.

Со измените на Законот се врши и усогласување со Конвенцијата за заедничка транзитна постапка. Со тие измени се усогласуваат одредбите кои се однесуваат на употреба на гаранции за обезбедување плаќање на царинскиот долг или други давачки кои можат да настанат во врска со стоката ставена во транзитна постапка.
 

Содржината е прочитана 86 пати.