Култура

Драмски театар од Скопје со „Странци“ на „Охридско лето“

понеделник, 30 јули 2018

Со театарската претстава „Странци“ од Филипо Болоња, режирана преку современиот пристап на режисерката Нела Витошевиќ, актерите на Драмски театар од Скопје синоќа, пред преполна сала гледачи на фестивалот „Охридско лето“ маестрално ја донесоа современа приказна која кореспондира со новото и модерно време.

Седуммина пријатели играа игра, споделувајќи ги пораките, разговорите и фотографиите од своите мобилни телефони, како и комуникациите преку социјалните мрежи со што си ги откриваа личните тајни и отворија болни конфликтни ситуации.

Темата на синоќешната претстава е актуелна и со неа може да се поврзе секој човек. Зборува за тоа колку технологијата ги окупира нашите животи и нè отуѓува од нашите партнери и од семејства, колку лагата станува поважна од вистината.

Текстот во претставата е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а пред охридкста публика настапија Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски. Драматург на „Странци“ е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.

 

Содржината е прочитана 30 пати.