Бизнис вести

„Алкалоид“ во првите шест месеци ги зголеми добивката, приходите и продажбата

Вкупните инвестиции во основни средства се зголемени за 74 отсто во однос на лани, а во првото полугодие годинава во компанијата се реализирани и 105 нови вработувања

понеделник, 30 јули 2018

„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во првите шест месеци од оваа година, ги зголеми добивката, приходите, но и продажбата, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – јуни продажбата е за 4 проценти зголемена во однос на истиот период минатата година и достигнала 3.647.869.385 денари.

Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 701.478.745 денари, бележи зголемување од околу 8 отсто, а единечната нето добивка изнесува 400.335.106 денари и е зголемена за 7 отсто.

Вкупните консолидирани продажби во овој шестмесечен период се за 5 отсто повисоки во споредба со истиот период од минатата година и тоа консолидираните продажби на домашен пазар се на исто ниво, додека извозот е зголемен за 8 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 37 отсто се остварени на домашен пазар, додека 63 отсто се остварени на странски пазари. Најголем процент од продажбите, вкупно 35 отсто се во земјите од Југоисточна Европа, потоа во ЕУ и ЕФТА 20 проценти, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6 отсто и на останатите пазари се остварени 2 отсто од вкупните консолидирани продажби.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 84 отсто од кои, пак, поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21 отсто, кардиолошките препарати со 17 отсто, антибиотиците со 14 отсто... Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 16 отсто во вкупните консолидирани продажби.

„Алкалоид“ забележа 6 отстотен раст и на консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигна 710.685.721 денари, додека нето консолидираната добивка во износ од 376.774.462 денари е зголемена за 4 отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2018 година изнесуваат 561.358.225 денари што е претставува зголемување за 74 отсто во однос на истиот период минатата година. А, во првото полугодие годинава во компанијата се реализирани и 105 нови вработувања.

 

Содржината е прочитана 42 пати.