Култура

Сонати за виолина и пијано синоќа го преплавија „Охридско лето“

Германскиот виолинист Руденс Турку и германско-украинската пијанистка Милана Чернјавска во креативен занес приредија романтично расположение

понеделник, 30 јули 2018

Љубителите на уметноста синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид имаа привилегија да присуствуваат на прекрасна вечер испонета со сонати за виолина и пијано во изведба на германскиот виолинист Руденс Турку и германско-украинската пијанистка Милана Чернјавска.

„Се радувам што првпат настапувам на фестивалот ’Охридско лето’ заедно со пијанистката и моја партнерка, Милана Чернјавска. Свиревме во прекрасна црква, а публиката имаше можност да ужива во различен репертоар почнувајќи од Соната за пијано бр. 8, оп. 13 од Бетовен, преку Соната за виолина и пијано од Едвард Григ, до Сонатата за виолина и пијано од Антонин Дворжак“, рече виолинистот Турку.

Милана Чернјавска се претстави пред публиката на „Охридско лето“ пред две години кога настапи заедно со македонскиот виолинист Џафер Џафери. Германската пијанистка со украинско потекло е еден од најзначајните пијанисти на денешнинава. Покрај солистичката дејност, Чернјавска често настапува и како камерен музичар, соработувајќи со извонредни музичари.

Германскиот виолинист Руденс Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија.

 

Содржината е прочитана 23 пати.