Бизнис вести

Компанијата „Кафе ди Артисан“ ќе отвори фабрика во Куманово

Планираната инвестиција од 3 милиони евра ќе се реализира во три фази и фабриката ќе вработи околу 100 лица до крајот на третата фаза

петок, 27 јули 2018

Компанијата „Кафе ди Артисан“ ќе отвори фабрика во Куманово за производство на течно кафе во капсули со патентиран метод на изработка.

Планираната инвестиција од 3 милиони евра ќе се реализира во три фази и фабриката ќе вработи околу 100 лица до крајот на третата фаза, соопшти Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

„Kако дел од нaшите планови за развој истражувавме неколку дестинации за инвестирање во регионот, но ја избравме Македонија како најдобра локација за нашето производство првенствено поради висококвалификуваната работна сила, одличното познавање на англискиот јазик, како и одличните услови за почнување и водење бизнис. Високопрофесионалната поддршка, советите и консалтингот што ги добивме од страна на тимовите на ‘Инвест Македонија’ и ‘Магнум консалтинг лимитед’ значително го олеснија целиот процес до финалната одлука за инвестирање“, изјави сопственикот на компанијата, Шанкар Шарма.

Компанијата започнала со работа во 2016 година со отворање на првата фабрика во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати. Во 2017 ги лансирала своите производи во Велика Британија, а во 2018 во САД. Производите на компанијата се продаваат во САД, Европа, Средниот Исток и во Јужна Азија.
 

Содржината е прочитана 72 пати.