Инфо

Печката за горење медицински отпад во „Дрисла“ не ја загадува околината

Мерењата извршени од акредитирана лабораторија покажале дека испуштените количества загадувачки супстанции не ги надминуваат просечните вредности

петок, 27 јули 2018

Печката за согорување медицински отпад во депонијата „Дрисла“ не испушта загадувачки материи во воздухот повеќе од дозволеното, соопшти Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Од таму велат дека од „Дрисла“ била ангажирана акредитирана лабораторија која на во мај и во јуни извршила мерења на загадувањето од печката, а резултатите добиени на 6 јуни и на 4 јули покажале дека испуштените количества јаглероден моноксид, јаглероден двооксид, азотни оксиди, сулфурен двооксид и прашина не ги надминуваат просечните вредности.

„Беше констатирано дека ’Дрисла’ има извршено мерење на загадувачките супстанци во воздухот од печката за согорување медицински отпад од страна на акредитирана лабораторија во деновите 31 мај и 20 јуни. По добиените резултати, од извештаите од мерењата на параметрите – јаглерод моноксид, јаглероден двооксид, азотни оксиди, сулфурен двооксид е утврдено дека емисиите не ги надминуваат просечните вредности“, велат од инспекторатот и порачуваат дека редовно ќе ја следат работата на депонијата „Дрисла“ и на печката за медицински отпад.

Инаку, „Дрисла“ на почетокот на годинава беше казнета со 8 500 евра за непочитување на протоколите и за горењето медицински отпад. А, пред три месеци беше пуштен во употреба новиот филтер на печката за согорување медицински отпад кој ги апсорбира ПМ10 честичките како и другите супстанци што се ослободуваат при согорувањето.
 

Содржината е прочитана 67 пати.