Култура

Туристичко-археолошки водич за Демирхисарско во издание на АЛ-БИ од Бабино

Библиотеката АЛ-БИ од село Бабино, Демир Хисар, објави Туристичко-археолошки водич за Демирхисарско, со финансиска поддршка на Владата на Република Македонија и стручна помош на НУ Завод и Музеј Битола.

четврток, 15 октомври 2015

Библиотеката АЛ-БИ од село Бабино, Демир Хисар, објави Туристичко-археолошки водич за Демирхисарско, со финансиска поддршка на Владата на Република Македонија и стручна помош на НУ Завод и Музеј Битола.

Во публикацијата се евидентирани 196 археолошки локалитети од различни временски периоди, вклучително и археолошките локалитети со нецелосни топографски, хронолошки или културно-историски податоци.

Издавачот во предговорот наведува дека поттик да го објави водичот бил фактот што овој крај во Македонија е археолошки анонимен и неистражен, а наоѓалишта има во 40 населени места на територијата на Општина Демир Хисар. Во водичот пооделно се претставени археолошките наоди за секое населено место, што го прави практичен и применлив.

- Целта на печатењето на водичот е археолошките локалитети на Општина Демир Хисар да се доведат во фаза на пристојна презентација, да станат подостапни, попривлечни, поатрактивни за научната јавност и во крајна мера да доживеат и туристичка валоризација. Воедно, целта е да се поттикне теренската работа како основен предуслов за продуцирање нови археолошки вредности (научни, културни, туристички), пишува во предговорот на изданието.

Водичот ќе биде промовиран на 22-ри овој месец во 19 часот во битолската Магаза, а ќе го претстави градоначалникот на Демир Хисар Љупчо Блажевски. Настанот ќе биде збогатен со ликовна изложба и настап на учениците од музичкото училиште во Битола.

(Преземено од МИА) 

Содржината е прочитана 505 пати.