Култура

Вечерва на „Охридско лето“ Француска вечер и куклена претстава за деца

Синоќа, пак, традиционалната Шпанска вечер донесе неповторливи мигови за публиката преку извонредниот глас на сопранот Еугениа Боикс и пијано изведбата на Ана Ферер

четврток, 26 јули 2018

Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот „Охридско лето“ што се одржува со поддршка на Францускиот институт во Скопје, вечерва во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот ќе се одржи концерт за четири раце на пијано.

Фестивалската публика ќе ужива во музицирањето на врвните француски пијанисти Мишел Бурдонкле и Николас Бурдонкле кои ќе отсвират дела од Фредерик Шопен, Сергеј Рахманинов, Клод Дебиси и Дариус Мијо.

Француската вечер на „Охридско лето“ секоја година претставува вистинско уживање за љубителите на уметноста. Според амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние, Француската вечер се афирмира како еден привилигиран момент во којшто се претставуваат врвни имиња од светот на француската музичка сцена.

„Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Францускиот институт во Скопје имаат долгогодишна соработка со фестивалот ’Охридско лето’ која што во последните 11 години се остварува преку веќе традиционалната Француска вечер. Со Француската вечер секоја година ни доаѓаат врвни музички имиња од Франција со заеднички напор што го вложуваат и фестивалот и амбасадата и Францускиот институт во Скопје, на општо задоволство. Така, на македонската публика имавме можност да и понудиме врвни имиња. Минатата година тоа беше ансамблот „Маскерина“, а годинава ќе биде пијано-дуото, таткото и синот, Мишел и Николас Бурдонкле. Сигурни сме дека соработката ќе продолжи и во иднина со уште поголеми проекти и звучни имиња од француската музичка сцена“, вели амбасадорот Тимоние.

„Охридско лето“ за најмладата публика ја носи куклената претстава „Тоби“. Во рамки на драмската програма на фестивалот денеска актерите од Театараот за деца и младинци од Скопје ќе ја изведат куклената претстава „Тоби“ од Флоријан Зденек, а во режија на Драгослав Тодоровиќ. Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 19 часот.

Синоќа, пак, традиционалната Шпанска вечер донесе неповторливи мигови за публиката преку извонредниот глас на сопранот Еугениа Боикс и пијано изведбата на Ана Ферер. Двете шпански уметници на концертниот подиум во црквата „Света Софија“ оставија силен впечаток, но по синоќениот концерт и тие беа восхитени од местото каде што настапија.

„Првпат сме во Охрид и во црквата ’Света Софија’. Ова е прекрасно место и навистина ни беше огромно задоволство да настапиме тука“, вели сопранистката Боикс.

Разновидниот репертоар го започнаа со тонадиљи и љубовни песни од Енрике Гранадос.

„Во првиот дел донесовме тонадиљи и љубовни, романтични песни. Имаше и популарна музика со француска основа, но сепак, прилагодена на шпанската традиционална музика. Вториот дел беше поразличен од првиот. Доловивме оперети потипични за машка изведба“, вели пијанистката Ферер.
Еугенија Боикс и Ана Ферер се запознале пред осум години, и оттогаш наваму настапуваат заедно. По „Охридско лето“, двете шпански уметници кои оставија силен впечаток кај фестивалската публика, ќе одржат концерти во Сардинија и Милано, Италија.

 

Содржината е прочитана 75 пати.