Инфо

Капиталните инвестиции на рекордно ниско ниво

Во првата половина од годината потрошени се помалку од една петтина од парите за капитални инвестиции, односно, од предвидените 393 милиони евра, реализирани се само 65,3 милиони евра, што е точно 16,65 отсто

четврток, 26 јули 2018

Рекордно ниско ниво на капитални инвестиции е забележано во првата половина од годинава. За шест месеци се потрошени помалку од една петтина од парите предвидени за изградба на патипта, железница, училишта, болници..., покажуваат податоците што ги објави вчера Министерството за финансии. Поточно, во првите шест месеци од годината, од предвидените 393 милиони евра за капитални инвестиции, реализирани се само 65,3 милиони евра, што е точно 16,65 отсто од предвидените средства.

Од месец во месец реализацијата на капиталните расходи беше лоша, па на полугодишно ниво, кога реално би требало да бидат реализирани приближно половина од овие расходи, потрошени се помалку од 20 отсто.

Податоците покажуваат дека споредено по месеци, дури и во јуни има помала реализација на капиталните инвестиции во однос на претходните четири месеци. Односно, во јуни, за кога Владата очекуваше дека ќе има засилена динамика на капитални инвестиции, потрошени се само 11 милиони евра, што претставува најлош месец, освен јануари кога вообичаено има најмала реализација на капитални проекти.

Главната причина за катастрофалното извршување на буџетот до јуни оваа година, всушност, е забавувањето на реализацијата на клучните капитални инвестиции и тоа, пред се, изградбата на автопатиштата, што автоматски се рефлектира и врз вкупниот економски раст во Македонија.

Дали ваквата состојба неминовно ќе наметне ребаланс на буџетот, што беше практика и досега, а со цел да се изврши пренамена на средствата кои е повеќе од очигледно дека ќе останат неискористени до крајот на годината, останува да се види.

Во Министерството за финансии засега не се размислува за ребаланс, а како главен адут за тоа се става задоволителното ниво на прибирање на приходите. Имено, податоците покажуваат дека во првото полугодие од годината во буџетот се прибрани 48,4 отсто од планираните даночни приходи и придонеси, наспроти потрошените 24,8 отсто од буџетскиот дефицит, односно, од планираните 297 милиони евра потрошени се само 73,7 милиони евра.
 

Содржината е прочитана 66 пати.