Бизнис вести

Турската компанија „Мурат Тиџарет“ почна да гради фабрика во ТИРЗ Скопје 2

Инвестицијата е во вредност од близу седум милиони евра и во план е да бидат отворени 300 работни места во првата фаза, кои во иднина би стасале до 500. Во фабриката ќе се произведуваат електрични кабли за автомобилската индустрија

среда, 25 јули 2018

Под името „Murat Wiring Systems“ турската компанија „Мурат Тиџарет“ денеска во ТИРЗ Скопје 2 почна со изградба на фабрика за производство на електрични кабли за автомобилската индустрија. Инвестицијата е во вредност од близу седум милиони евра и во план е да бидат отворени 300 работни места во првата фаза, кои во наредните пет години треба да достигнат до 500. Производтсвото е наменето за извоз на европскиот пазар.

Според Договорот за закуп на земјиштето, потпишан во декември лани, Турците во наредните 50 години ќе користат земјиште со површина од 32.000 квадратни метри. Новиот капацитет ќе биде со површина од 6.000 квадрати.

„Фабриката за која го поставуваме камен темелникот за нас ќе биде значајна точка кон европскиот пазар. Планираме од почетокот на 2019 година да почнеме интензивно со производство и во следните пет години да реализираме вработување на 500 лица“, рече Шахан Мурат Гора, генерален директор на „Мурат Тиџарет“

Укажувајќи дека е ова четврта инвестиција од Турција во зоните во Скопје, премиерот Зоран Заев истакна дека расте интересот за нови инвестиции на турски компании во Македонија, а бидејќи поканата за членство во ЕУ и НАТО создава предвидливи економски услови и бизнис клима за инвестиции, ќе продолжи да се интензивира економската соработка меѓу двете држави и да се отвораат нови капацитети.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев рече дека прометот меѓу Македонија и Турција минатата година бил 400 милиони евра, а само во првите пет месеци од годинава во споредба со лани е зголемен за 12 проценти.

„За толку проценти е зголемен и извозот од Македонија во Турција, а вкупните инвестиции од турската држава во македонската изнесуваат 250 милиони евра“, речеАнѓушев.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, истакна дека со инвестицијата во Македонија турската компанија добива едуцирана работна сила, поволна бизнис клима и поддршка од Владата, додека Македонија има придобивки за граѓаните и за бизнисот.

„Државата ќе врати 20 проценти од нето платата за сите нововработени во компанијата под услов да земаат плата поголема од 18.000 денари. На ’Мурат Тиџарет’ им посакувам што е можно поголеми суми на поврат на средства од државата по овој основ“, рече Тевдовски.

Турската компанија „Мурат Тиџарет“ е основана во 1969 година. Таа е добавувач на производи за голем број компании од автомобилската индустрија и има 2.200 вработени и капацитети во повеќе држави.
 

Содржината е прочитана 50 пати.