Инфо

Потребна е директна авиолинија со Романија за поголема соработка во туризмот

Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија и Националниот патронат за туристички агенции во Романија потпишаа меморандум за соработка со цел поддршка и промовирање на деловното опкружување во областа на туризмот

среда, 25 јули 2018

Директна авиолинија и зголемување на туристичките понуди се неопходни за во Македонија да има поголем број туристи од Романија. Ова е ставот на претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Аркан Керим кој денеска потпиша Меморандум за соработка со претседателот на Националниот патронат за туристички агенции во Романија, Адријан Станчулеску.

Меморандумот е со цел поддршка и промовирање на деловното опкружување во областа на туризмот во Романија и во Македонија, размена на информации во областа на туризмот, зголемување на протокот на туристи, како и можности за искористување заеднички европски фондови поврзани со туризмот преку развивање специфични услуги и привлекување директни инвестиции.

„Романија е сериозно заинтересирана да го развива туризмот со Македонија имајќи ја предвид близината на двете земји. Меморандумот што денес го потпишавме значи дополнителен чекор во зацврстување на соработката меѓу реномираните туристички агенции од двете земји. Тур-операторите веќе ја имаат вклучено Македонија во нивните продажни каталози и детектираат интерес кај Романците за неколкудневен зимски туризам за Македонија, но и за летен туризам во Охрид. Наша цел е романските туристи да ја посетуваат Македонија на ранг на полските и холандските туристи, но за реализација на ова, покрај близината меѓу двете земји, потребни се посистемски приод и директна авиолинија“, рече Керим.

Станчулеску потенцираше дека со потпишувањето на протоколот за соработка е направен првиот чекор кон остварување соработка помеѓу туристичките агенции од Романија и Македонија.

„Овој чекор задолжително треба да биде следен од неколку други чекори: заемна поддршка кон привлекување европски фондови наменети за перфекционирање на вработените од оваа економска гранка. Во тој поглед романските компании би можеле да бидат од огромна помош за македонските компании. Понатаму, отворање нова авионска линија помеѓу Романија и Македонија со база во Охрид, како и заемна поддршка кон привлекување други пазари, како што предвидуваат истражувањата на Светската туристичка организација“, изјави Станчулески.

Романија е меѓу десете најголеми трговски партнери на Република Македонија. Со трговска размена од 422 милиони долари, лани била на деветто место. Извозот изнесува 176 милиони, а увозот 246 милиони американски долари.
 

Содржината е прочитана 58 пати.