Инфо

Скопјани утре во 5:17 часот ќе се разбудат со сирени

На пет различни локации во Скопје ќе се спроведе едноминутна аудио-уметничка акција „Разбуди се Скопје“, која треба да ги потсети граѓаните на точното време кога на 26 јули 1963 година градот го погоди катастрофален земјотрес

среда, 25 јули 2018

Утре рано наутро, во 5:17 часот на пет различни локации низ скопјани ќе се разбудат со сирени. На пет различни локации во Скопје ќе се спроведе едноминутна аудио-уметничка акција „Разбуди се Скопје“, која треба да ги потсети граѓаните на точното време кога на 26 јули 1963 година градот го погоди катастрофален земјотрес.

Со акцијата ќе бидат опфатени Музејот на современа уметност, Музејот на Град Скопје, ГТЦ и Порта Влае, а едно озвучено возило ќе се движи по булеварот „Партизански одреди“.

„Идејата на оваа акција е на еден можеби и малку груб начин да се потсетат граѓаните на Скопје на трагедијата и да се додаде една нова димензија на јубилеите на земјотресот. Сметаме дека ова традиција на будење на градот на 26 јули која постоеше од 1964 па се до раните 90-ти години, претставуваше извонреден начин на потсетување на жртвите од земјотресот кој речиси во целост го уништи градот и го измени неговиот лик, но и го трасираше патот кон модерно Скопје“, велат организаторите на акцијата кои работат во рамки на Центарот за современи уметности.

Истовремено тие сметаат дека со ова ќе ги потсетат градските власти дека е неопходно да се поправи и да се стави во функција системот на градските сирени за цивилна заштита кои, како што велат, треба да ги има секој модерен град.
 

Содржината е прочитана 185 пати.