Бизнис вести

Државна помош за фирмите што ќе им ја зголемат минималната плата на вработените

Финансиската поддршка по работник изнесува 30 отсто од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатена во октомври, ноември и декември лани, но не повеќе од 1.200 денари месечно

вторник, 24 јули 2018

Фирмите што ќе им ја покачат минималната плата на своите вработени, ќе добијат државна помош. Ова се обезбедува со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата што вчера ги изгласаа пратениците, со цел да се засили поддршката за работниците да добијат повисока минимална плата, а истовремено да се заштитат и нивните работнички права.

Финансиската поддршка по работник изнесува 30 отсто од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатена во октомври, ноември и декември лани. Поддршката може да изнесува максимум 1.200 денари месечно по работник, а ќе се исплаќа за периодот од јули годинава до декември следната година.

Од Министерството за трруд и социјална политика велат дека истовремено мерката е одговор на барањето на работодавачите за проблемот со т.н. уравниловка, а тоа е потребата да растат преостанатите плати блиски со минималната плата, за да не ги изгубат или демотивираат попродуктивните работници.

„Преку финансиската поддршка ќе се поттикне спиралата за покачување на платите во трудоинтензивните сектори што позитивно ќе влијае на растот на продуктивноста на компаниите и на растот на животниот стандард на работниците“, соопшти Министерството.

 

Содржината е прочитана 70 пати.