Бизнис вести

Уште нема конечно решение на проблемот со зголемените царини за земјоделски производи во Косово

Два до три милиони евра би била загубата на македонските земјоделци доколку државата не преземе нешто околу нормализирање на извозот

вторник, 24 јули 2018

На околу 2 до 3 милиони евра се проценува загубата што би ја претрпеле македонските земјоделци доколку државата не преземе нешто околу нормализирање на извозот на земјоделски производи во Косово.

Откако кон крајот на минатата недела Владата на Косово донесе одлука за 30 отсто да ги зголеми царините за увоз на овошје и зеленчук, извозот на вакви производи од македонска страна е сведен на минимум. Според Царинската управа за викендот бил извезен само еден камион, а во понеделникот кон Косово заминале вкупно 4 камиони со околу 60 тони земјоделски производи, за разлика од времето пред зголемување на царините кога се извезувале по четири шлепери дневно.

Македонските земјоделци бараат државата итно да реагира, бидејќи штетите што ги трпат се зголемуваат од час во час. Производите што беа наменети за косовскиот пазар или останаа на нивите, или стојат во магацините, додека дел, пак, завршуваат на пазарите низ државава по багателни цени.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека ЦЕФТА треба што поскоро да го реши проблемот, без да се одолговлекува, бидејќи се работи за лесно расиплива роба, па секој ден одлагање значи голема штета на извозниците на земјоделски производи кои веќе имаат склучени договори со своите партнери од Косово

Но, македонската Влада се уште тактизира и нема донесено конечна одлука како ќе постапи и дали ќе воведе контра мерки за да ги заштити домашните производители. Надлежните се надеваат дека косовската Влада ќе ја повлече одлуката. Министерството за земјоделство соопшти дека преговорите со Косово се во тек.

„Владата прави се за да не дојде во ситуација да воведуваме контра мерки како одговор на постапката на Косово. Очекуваме Владата на Косово да ја повлече донесената мерка со што ќе го надминеме спорот“, соопштија од МЗШВ.

Утре, ресорните министри од земјите од регионот кои се погодени од косовската мерка треба да го кажат заедничкиот став околу проблемот, додека македонските министри за земјоделство и за економија, Љупчо Николовски и Крешник Бектеши во петок ќе одат на средби во Косово.

 

Содржината е прочитана 58 пати.