Интервјуа

Каменот и јас, некако, се разбираме природно

Интервју со Марина Стопоња, вајарка, единствена жена скулптор во Хрватска што работи во камен. Таа беше дел од 55.Скулпторски симпозиум во Прилеп, каде од белиот прилепски сивец изваја „жива“ перница

понеделник, 23 јули 2018

МАРИЛИ: Бевте дел од јубилејниот 55. Скулпторски симпозиум „Мермер“ што се одржа во Прилеп кон крајот на јуни. Какви впечатоци понесовте од таму и дали прилепскиот бел мермер „сивец“ е соодветен за Вашиот индивидуален уметнички израз успешно да го споделите со публиката?
СТОПОЊА:
Кога ја добив поканата да учествувам на 55.Скулпторски симпозиум во Прилеп, многу се израдував, бидејќи сивецот е основен материјал со кој работам последните 20 години. Од секогаш сум сакала да отидам токму на самиот извор на материјалот што го сакам најмногу и, ете, тоа се случи. Таму ја почувствував таа белина како рајска чистота. Токму таа длабока белина и структура на мермерот како шеќер е нешто што совршено му одговара на мојот израз во скулптурата, особено во мојот последен циклус „PILLOW TALK“.

МАРИЛИ:Вие сте единствената жена скулптор во Хрватска што работи во камен. Што мислите, зошто е тоа така, дали затоа што е тешко да се работи со камен, или има други причини?
СТОПОЊА:
Нема ни многу мажи кои работат во тој материјал. Денеска, само неколкумина. Некако се мисли дека каменот и мермерот се традиционални материјали погодни за традиционални скултури и фигури, па така, современите скулптори главно користат современи материјали и технологија. За мене беше предизвик со традиционален материјал да направам современа скулптура и да обработам современи теми поврзани со денешните појави во општеството. Друга работа е предрасудата дека е тоа тешка работа. Особено за жена. Јас со тоа никако не се согласувам и сметам дека тука се работи за разбирање на материјалот, а не за сила. Каменот и јас, некако, се разбираме природно, ја чуствувам неговата структура и знам каде треба да се удри за да попушти. А, алку „благородна“ прашина, се уште не убила никого.

МАРИЛИ: Работите главно со мермер. Тоа е студен и тврд материјал, но Вашите форми се меки и многу природни, живи. Што симболизираат тие, имаат ли некое преносно значење? Дали преку Вашите дела сакате да им пренесете некаква порака на вљубениците во скулпторската уметност? На пример, што зборува циклусот „PILLOW TALKS“, што значи црвеното јаболко врз белата перница?
СТОПОЊА:
Интересно е што честопати слушам од луѓето кои по првпат се сретнуваат со мојата скулптура, како велат дека почувствувале дека тоа го направила жена. 

Тоа, веројатно се тие женски облици. Женски потпис, но и мој личен. Мислам дека секој скулптор, преку својата работа го открива својот карактер и својата длабока интима. Какви се склуптурите, таков е и човекот. 
Моите дела секогаш носат некоја приказна или порака. „PILLOW TALKS“ е циклус приказни за меѓучовечките односи и современото општество. Овде има и интимни, автобиографски теми, а она што е битно, е да се истакне важноста на некој симбол или приказна поставувајќи ги на перница. Познато е дека низ историјата, па се до денес, на перница се презентираат највредни предмети, скапи часовници, кралски круни, скапоцени камења, па дури и стаклената чевличка на Пепелашка. Така, јас на белите перници истакнувам важни симболи. Симболиката е многу важна во мојата работа. На пример, црвено јаболко врз чиста белина на перница има многу што да каже во симболична смисла. Овде се работи за источен грев, заведување, љубов и силна сексуална симболика на црвеното јаболко на чистата белина на перницата како контраст на сето тоа. Со тој мотив неодамна направив и експериментална истражувачка изложба на која дури го изземав иимето на скулптурата, па во еден дел публиката мораше сама да даде одговор што претставува таа скулптура. Сакам публиката активно да учествува во доживувањето на мојата скулптура, а не да биде само пасивен набљудувач. 
Во друга приказна понудив ист мотив со скриена аудио инсталација којашто се вклучува кога некој ќе ѝ се приближи на скулптурата и преку пародија на ТВ-продажба дава потполно ново значење, во овој случај критика на современото потрошувачко општество. Хумористичната нота во позадина, што се појавува овде, исто така не е ретка во моите скулпторски приказни. 

МАРИЛИ: Од Вашите раце излегуваат форми во тродимензионален облик. За да се создаде едно вајарско дело е потребна прецизна техничка изведба. Но, колку личните сфаќања и сознанија за одредени конкретни мотиви имаат влијание врз крајната форма?
СТОПОЊА:
Техничката прецизност е многу важна во мојата работа. Моите облици мора да бидат со мазни и напнати површини до само пукање, а облиците јасни и едноставни. Личните сфаќања и перцепцијата на се околу мене извираат од моите дела. Овде не станува збор само за форма, туку и за симбиоза на карактер и облик. Низ моите скулптури извира мојата интима, искуство и сфаќање на животот, а конечната форма доаѓа сама, природно.

МАРИЛИ: Освен со мермер, со каков друг материјал работите?
СТОПОЊА: Мермерот е основниот материјал со кој создавам и кога размислувам за идни проекти, главно размислувам за мермер. Често користам и бронза, но таа е главно резервирана за другиот дел од моите тематски преокупации, а тоа е природата и животните. Главно се тоа оние анимални циклуси поврзани со мојот активизам за заштита на загрозените видови, па ја користам скулптурата како еден од начините да апелирам на свест и да укажам и да предупредам на одреден проблем. Понекогаш користам и алуминиум, дрво или порцелан кои ги комбинирам со мермерот.

МАРИЛИ: Живеете и творите воЗагреб и воДубаи. Вистина е дека уметноста не познава граници, но може ли да се направи некаква паралела меѓу работењето овде, на овие простори и таму? Дали вајањето во камен има свое место и во уметноста во земјата каде песокот е првата асоцијација кога ќе се споменат Обединтетите Арапски Емирати? Има ли и таму жени што се занимаваат со оваа професија, уметници-вајарки? 

СТОПОЊА: Мојата идеја да развивам кариера во Арапските Емирати беше поттикната од сознанието дека таму ликовната култура се развива забрзано, а дека скулптурата речиси ида не е присутна, така што можам да кажам дека таму поставив некои пионерски патеки. Им беа интересни мојата приказна и фактот дека работам во мермер, а во земја на песокот, но и мојата скулптура како начин на раскажување приказни, па така, таму веќе освоив инеколку награди за својата работа. Манифестацијата „Art Dubai“сега е веќе разработена институција и ги пречекува најголемите светски галерии и современи уметници веќе осма година по ред. За разлика од традиционалната стара европска културна подлога на која уметноста се развивала низ периоди до современост, таму современата уметност настанала сега и одеднаш и сите сакаат да бидат уметници. И тоа главно сликари. 
Вајарството и вајарските технологии се уште се помалку непознато подрачје во Емиратите, а лично познавам само една Арапка вајарка која гради форми од готови метални елементи.
 

 

 

Содржината е прочитана 228 пати.