Инфо

Измените на Законот за минерални суровини ги спротистави рударскиот и невладиниот сектор

Од Македонската асоцијација за рударство сметаат дека предложените законски измени се селективни и оти ги ставаат во нееднаква положба старите и новите рдуници, но невладините се на ставот дека Македонија и мала земја и не е потребно дасе отвораат нови рудници

понеделник, 23 јули 2018

Измените на Законот за минерални суровини не треба да се носат по скратена постапка, туку за тоа е потребна јавна расправа. Вака како што се предложени тие се селективни и ограничени и ги ставаат во нееднаква положба старите и новите рудници. Со нив продолжува хајката против рударскиот сектор, обвини денеска претседателот на Македонската асоцијација за рударство (МАР), Николајчо Николов откако измените на Законот за минерални суровини повторно беа ставени на дневен ред на Собранието, со предлог да се донесат по скратена постапка.

„Ако треба да се менува овој Закон, треба многу покомплексно да се разгледа и не знам зошто луѓето се плашат да оди ова на јавна расправа и за овие измени да не стои Министерството за економија како надлежно. Практично, како да сакаат да се добијат некакви поени“, изјави Николов и побара од пратениците да ги повлечат предложените измени бидејќи, како што рече, се штетни за рударството поради спорниот член со кој не се дозволува отворање рудници кои во производниот процес користат цијанид.

Измените на Законот за минерални суровини предвидуваат да не се дозволи отворање на рудници кои користат цијанид во текот на производниот процес. Но, ставот на МАР е дека количините цијанид кои се користат во процесот на лужење се минимални и немаат никакво влијание врз животната средина и затоа не треба рудниците да бидат предвреме санкционирани.

„Не го поддржуваме рударството, туку сакаме да се дојде до вистината. Ако се докаже дека рудниците се тие што ја загадуваат животната средина, први ќе се повлечеме. Но, треба тоа да се докаже. Нашите сознанија говорат дека и покрај долгогодишната работа на актуелните рудници нема регистрирани професионални заболувања, ниту, пак, има зголемен број болни од болести кои би биле предизвикани од рудниците“, рече Николов.

Тој потенцираше дека светот веќе не размислува за затворање на рудниците ,туку за тоа како да овозможи тие напоредно да функционираат со земјоделството.

„Ако сакаме да се вклучиме во светските текови и ние треба да размислуваме на тој начин“, рече Николов.

Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска, која е еден од предлагачите на законските измени го обвини Николов дека изнесува дезинформации и невистини. Таа вели дека Македонија е мала земја и поради тоа не треба да се отвораат нови рудници. Според неа, измените не се носат набрзина и без јавна расправа и нема да предизвикаат штети врз рударскиот сектор.

Измените на Законот за минерални суровини ја поминаа расправата во Законодавно-правната комисија и се пред пленарна седница.

 

Содржината е прочитана 86 пати.