Култура

Концерт за пијано вечерва на „Охридско лето“

Синоќа Албанскиот театар од Скопје се претстави со театарската претстава „Смртта на Дантон“ од Георг Бихнер, а во режија на Дино Мустафиќ во која акктерите на сцената ги оживуваа промените и жртвите на Француската револуција

понеделник, 23 јули 2018

Со концерт за пијано „176 Клучеви-Боите на црното и белото“ што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ вечерва продолжува фестивалот „Охридско лето“

Двајцата пијанисти Сун Хи Јоу од Кореја и Италијанецот Марко Чампи ќе изведуваат дела од Франц Лист, Фредерик Шопен, Клод Дебиси, Витолд Лутославски, Лудвиг ван Бетовен, Џорџ Гершвин, Фридрих Гулда, Николаи Капустин и Астор Пјацола.

Пијанистката Сун Хи Јоу е една од највозбудливите изведувачи во подем. Уште од самото нејзино деби, таа од дете-гениј прераснува во комплетен музички артист со изразена експресивност и техничка зрелост во свирењето. Соработувала со голем број оркестри под диригентската палка на исклучителни светски диригенти. На нејзиниот репертоар се наоѓаат разновидни дела – почнувајќи од времето на Барокот, па сè до дела од 20. век.

Пијанистот Марко Чампи досега има победено на преку 30 национални и интернационални пијано натпревари. Како солист се појавил на некои од најпрестижните сцени во Европа и Америка, како и на повеќе фестивали во светот. Во текот на својата кариера работел со проминентни оркестри и истакнати композитори и изведувачи.

Синоќа, пак, Албанскиот театар од Скопје се претстави со театарската претстава „Смртта на Дантон“ од Георг Бихнер, а во режија на Дино Мустафиќ. Актерите на сцената ги оживуваа промените и жртвите на Француската револуција. Главните улоги ги толкуваа Рефет Абази, кој беше претставникот на Жирондинците Жорж Дантон и Луран Ахмети, кој го глумеше Роберт Робеспјер од Јакобинците.

Уникатна во претставата беше конструкцијата што на почетокот револуционерите ја користеа за гозба, а потоа претставуваше мост на кој тешко се премостуваат разликите помеѓу Јакобинците и Жирондистите.
Актерите од Албанскиот театар Скопје на претставата и дадоа современост и го потенцираа прашањето, дали во време кога економската криза го слабее човекот, кога постојат социјални неправди и кога неолибералниот капитализам безмилосно гази по човечката егзистенција, е возможна револуција.


 

Содржината е прочитана 72 пати.