Инфо

Министерството за здравство го стопираше тендерот за биохемиски реагенси

Тендерот вреден 36 милиони евра е стопиран поради констатирани недостатоци во тендерската документација на единствениот понудувач

понеделник, 23 јули 2018

Тендерот за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки и гасни анализи, што го распиша Министерството за здравство е стопиран. Министерот Венко Филипче на денешната прес конференција соопшти дека со евалуацијата е потврдено дека има недостатоци во тендерската документација на единствениот пријавен на тендерот вреден околу 36 милиони евра.

Министерот рече дека иако немало никакви притисоци при носење на одлуката, сепак, тендерот е стопиран и за да се прекинат сомнежите во јавноста, со оглед на тоа што на него има само еден понудувач.

„Во следниот период ќе продолжиме со имплементација на планот за централизација, а со тоа и обезбедување големи заштеди во овој дел од набавките,“, рече Филипче и ги повика и компаниите кои работат во оваа сфера да ги намалат цените на реагенсите, зашто, како што појасни, имале разговори заради тоа што пазарните вредности се многу помали од тоа што се користи во моментов.

Со тендерот, процесот на биохемиски анализи треба да се централизира во 12 лаборатории, со што граѓаните во помалите градови ќе добијат поспори тестирања, а наместо самите болници и здравствени институции да набавуваат реагенси, набавката ја презема Министерството

Во јавноста имаше големи реакции околу овој тендер, бидејќи на него имаше само еден понудувач, германската фармацевтска компанија „Абот“, но како фирма подизведувач се јави АХР ЛАБ, формирана пред само четири месеци.
 

Содржината е прочитана 72 пати.