Инфо

Станбените и потрошувачките кредити во пораст

Вкупните кредити во Македонија во јуни годинава се зголемиле за 0,9 отсто на месечно ниво, што според НБРМ се должи на зголеменото кредитирање и во корпоративниот сектор и кај домаќинствата

понеделник, 23 јули 2018

Вкупните кредити на домаќинствата во јуни годинава се зголемиле за еден процент на месечна основа, а за 9,7 отсто на годишна основа, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.

Анализирано според наменета на кредитите од физичките лица, кај најзастапената категорија, потрошувачките и станбените кредити, е евидентиран месечен раст од 1,3 отсто, односно 1,2 отсто, што на годишно ниво изнесува 11,1 отсто и 14,9 отсто.

Месечен пад од два процента е забележан кај автомобилските кредити и од 0,5 проценти кај негативните салда на тековните сметки, а по овие два основа на годишно ниво е остварен раст од 0,2 отсто, односно 4,8 отсто. Во јуни годинава кредитите одобрени на кредитни картички се непроменети на месечна основа, а на годишно ниво бележат намалување од 0,8 отсто. Во јуни кај кредитите одобрени врз други основи е остварен месечен раст од 0,6 отсто при годишно намалување од 0,8 отсто.

Кај корпоративниот сектор, пак, кредитите во јуни бележат раст од 0,8 отсто на месечна основа, во услови на речиси подеднаков придонес кон растот на кредитирањето во денари и во странска валута. На годишна основа е забележан раст на кредитнатa активност од 2,9 отсто, што во услови на намалено кредитирање во странска валута, целосно е резултат на зголеменото денарско кредитирање, наведува НБРМ.

Вкупните кредити во Македонија во јуни годинава се зголемиле за 0,9 отсто на месечно ниво, што според Народната банка на Република Македонија се должи на зголеменото кредитирање и во корпоративниот сектор и кај домаќинствата, кои имаат речиси подеднакво учество во месечната промена. На годишна основа кредитниот раст изнесува 6,2 проценти, во поголем дел од зголемено кредитирање на секторот домаќинство кое учествува со 74,2 отсто во растот.

Пренесено од МИА  

Содржината е прочитана 51 пати.