Инфо

Во мај била исплатена просечна нето плата од 24.509 денари

Индексот на просечната месечна нето-плата по вработен во мај во споредба со претходната година изнесува 107,1, а зголемувањето се должи, пред се, на зголемувањето на просечната плата во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна, финансиски дејности и дејности на осигурување и информации и комуникации

петок, 20 јули 2018

Во мај била исплатена просечна месечна нето-плата по вработен во висина од 24.509 денари, што претставува зголемување од 7,1 отсто во однос на истиот месец лани, додека бруто-платата изнесувала 35.983 денари, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај во споредба со претходната година изнесува 107,1, а ваквото зголемување се должи, пред се, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (23,1 отсто), финансиски дејности и дејности на осигурување (17,4) и информации и комуникации (15,3 проценти), се вели во соопштението на ДЗС.

Според податоците на Статистика, највисоки плати во мај биле исплатени во дејноста Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности - 55.842 денари, потоа во секторот воздухопловен транспорт – 52.076 денари и во финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови каде биле исплатени во просек по 50.454 денари.

Прилично добро се платени и дејностите поврзани со управувањето со отпад, каде во мај просечната плата изнесувала 44.712 денари, по што следува фармацијата со просечна нето плата од 43.361 денари, па осигурителните дејности со 40.751 денари и т.н.
 

Содржината е прочитана 83 пати.