Инфо

Со „Рута на солидарноста“ ЈСП Турс се вклучува во одбележувањето 55 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Турите со кои автобусот ќе обиколи неколку локации кои имаат симболика со земјотресот ќе се реализираат на 24, 25 и на 26 јули, со по две поаѓања, во 11 и 17 часот

петок, 20 јули 2018

Со специјална рута на сити-бусот „Рута на солидарноста“, ЈСП се вклучува во одбележувањето на 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година. Како дел о настаните „Зборува Скопје“ ЈСП Турс ја организира рутата во рамки на која е предвидено автобусот да обиколи неколку локации кои имаат симболика со катастрофалниот земјотрес.

Ќе се тргнува од местото каде што е родена Мајка Тереза, пред зградата на ЕВН на плоштад. Оттаму автобусот ќе се упати кон Старата железничка станица, потоа ќе вози кон населбите Тафталиџе 1 и 2 кои се изградени со помош на светската солидарност, ќе продолжи по улиците „Варшавска“, „Прашка“, „Лондонска“, „Осло“, „Хелсинки“, па преку „Московска“ по булеварот „Партизански одреди“ спроти поликлиника „Букурешт“ која е подарок од Романија. Оттаму туристичкиот автобус ќе се упати покрај местото на уништените блокови во Карпош 2, па покрај Универзална сала (подарок од Бугарија) и блоковите од Градски ѕид (проект на архитектот Кензо Танге), ќе стаса до стариот театар и кај зградата на МОБ (за скопјани сè уште позната како МНТ), а турата ќе заврши повторно на плоштад кај родната куќа на Мајка Тереза.

„Со овој мал гест сакаме да искажеме благодарност и почит кон сите што му помогнаа на Скопје, а истовремено да пратиме порака дека скопјани никогаш нема да ја заборават подадената рака и светската солидарност по катастрофата во 1963 година“, велат од ЈСП.

Турите ќе се изведуваат со професионален туристички водич, а ќе се реализираат на 24, 25 и 26 јули, со по две поаѓања, во 11 и 17 часот .

Двете тури на 24 јули (вторник) ќе бидат бесплатни, а за останатите цената на билетот ќе изнесува 150 денари.

 

Содржината е прочитана 62 пати.