Инфо

Македонија со контра мерки доколку Косово не ги повлече зголемените царини за увоз на овошје и зеленчук

Македонија со допис до ЦЕФТА, ЕУ и до Владата на Косово официјално побара повлекување на привремената одлука за зголемување на царините, во спотивно македонската Влада ќе преземе мерки за заштита на домашното производство

петок, 20 јули 2018

Македонија со допис до ЦЕФТА, ЕУ и до Владата на Косово и официјално побара повлекување на привремената одлука за зголемување на царините за увозот на овошје и зеленчук. Доколку Косово не ја повлече одлуката, Владата на Република Македонија ќе преземе мерки за заштита на домашното производство, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Од Министерството велат дека владите на Македонија и на Косово преговараат за изнаоѓање решение за зголемените царини. Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши следната недела ќе имаат средба со косовските ресорни министри, додека министерот за надворешни работи, пак, Никола Димитров кој денеска ќе се сретне со државниот врв на Косово, меѓу другото, ќе разговара и за одлуката за зголемување на царините.

„Владите на Македонија и на Косово од вчера се во постојана комуникација за изнаоѓање соодветно решение. Во насока на решавање на проблемот, министерот Николовски е во постојана комуникација и со ресорните министри од регионот. Тие следната недела на заедничка средба ќе разговараат за изнаоѓање модел за надминување на проблемот“, велат од МЗШВ.

Со мерката која официјално стапи во сила на 18 јули, Косово за 30 отсто ја зголеми царината за овошјето и зеленчукот што во наредните три месеци ќе ги увезува од сите држави. Станува збор за 21 производ, од кои, според нашето Министерство за земјоделство, во Македонија најпогоден од одлуката ќе биде извозот на доматите, пиперките и сливите.
 

Содржината е прочитана 73 пати.