Инфо

Со 23 регулацски планови Град Скопје ќе интервенира во ГУП и ќе го ограничи вцртувањето маркички во ДУП

Досега се изработени три регулациски планови, за потегот од „Александар палас“ до Карпош 4 и со него се зголемуваат зелените површини за 60 отсто, за делот кај Кванташки пазар во Гази Баба, каде што се уредува пробивањето нови улици и уредувањето парцели во индустриската зона и за нови пристапни и сервисни улици за комплексот згради „Александрија“

петок, 20 јули 2018

Со изработка на 23 регулациски планови Град Скопје ќе интервенира во Генералниот урбанистички план (ГУП) за да го ограничи вцртувањето маркички за згради и деловни објекти во деталните планови.

Советот на Град Скопје вчера усвои три регулациски планови од кои првиот се однесува на потегот од хотелот „Александар палас“ до Карпош 4 и со него се зголемуваат зелените површини за 60 отсто во новата населба што ќе се гради покрај Вардар, вториот е за делот кај Кванташки пазар во Гази Баба, каде што се уредува пробивањето нови улици и уредувањето парцели во индустриската зона и третиот се однесува на проектирање нови пристапни и сервисни улици за комплексот згради „Александрија“ што се гради во Влае.

Градоначалникот Петре Шилегов вели дека регулациските планови ќе обезбедат ред во урбанистичкото планирање на подрачја кои не биле урбанизирани или каде урбанизацијата била спорна и со нив ќе се гарантираат одредени стандарди на живеење, пред сè присуството на големи зелени површини.

„На овој начин правиме доразработка на стандардите во ГУП и стеснување на просторот за манипулирање на општините во донесувањето на ДУП-овите. Определуваме кој тип градби мора да ги предвидат и во кој обем, за да превенираме нехуманите објекти да го намалат квалитетот на живот во градот“, рече Шилегов.

Градоначалниот појасни дека според условите што ги предвидува регулацискиот план за потегот покрај Вардар, Општината Карпош ќе мора да ги промени и деталните планови за оваа градска четврт со што, освен поголеми површини со зеленило помеѓу зградите, ќе треба да предвиди и изградба на основно училиште, градинка и хотел, додека на делот покрај Вардар целосно ќе се забрани изградба на објекти. Со тоа, како што вели Шилегов, на потегот од „Александар палас“ до Карпош 4 ќе има најмногу зеленило по глава на жител во целиот град.
 

Содржината е прочитана 81 пати.