Култура

„Охридско лето“ во знакот на полската барокна музика

Со барокна музика од композиторите Гжегож Гервази Горчицки и Станислав Силвестер Шажињски, во црквата „Света Софија“ настапи Вроцлавскиот барокен ансамбл предводен од диригентот Анджеј Косендиак

четврток, 19 јули 2018

Незаборавен концерт во прекрасен амбиент и проследен со бурни овации од публиката донесе синоќа традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“.

Со барокна музика од композиторите Гжегож Гервази Горчицки и Станислав Силвестер Шажињски, во црквата „Света Софија“ настапи Вроцлавскиот барокен ансамбл предводен од диригентот Анджеј Косендиак. Публиката уживаше во интерпретациите на сопранот Алдона Бартник, контратенорот Пјотр Ликовски, тенорот Бенјамин Глаубиц и бас/баритонот Јержи Бутрин.

„Програмата за композициите е напишана од писатели и композитори од катедралната црква во Краков, која претставува духовен центар на тој вид музика. Многу се радувам што како диригент ја имав приликата да настапам и овде и да го водам концертот. Секако, тоа го направивме на задоволство на публиката и со нашиот репертоар. Восхитен сум од акустичниот амбиент што ни го овозможи овој сакрален објект. Едноставно, се радуваме што сме во Охрид“, изјави по синоќешниот концерт, маестро Косендијак.

Сопранистката Алдона Бартник, како и нејзините колеги уметници, исто така беше восхитена од амбиентот и акустичноста на црквата „Света Софија“.

„Сите членови на ансамблот имавме прилика да уживаме во концерот. Имавме можност и задоволство да ја промовираме полската барокна музика во Македонија. Многу е убаво кога по концертот добивате бурни аплаузи и овации, затоа што тоа е знак дека публиката е задоволна од нашето музицирање“, вели младата полска сопранистка.
Полската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална и концертите што се одржуваат во нејзини рамки се вистинско изненадување за фестивалската публика.

„Полската вечер што се одржа синоќа беше една од најквалитетните што сме ги имале досега на фестивалот. Повторно донесовме нешто ново за да ја претставиме полската култура и уметност. Така ќе продолжиме и натаму. ’Охридско лето’ ја има поддршката на почесниот конзулат на Полска во Македонија и на Еуростандард банка“, истакна почесниот конзул на Република Полска во Македонија, Коста Костовски.

Вроцлавскиот барокен ансамбл е основан од диригентот Анджеј Косендиак. Ансамблот е постојано активен и соработува со музичари од Вроцлавскиот барокен оркестар, како и со голем број други изведувачи од Полска и Европа. На нивниот репертоар, е, пред сè, барокната музика со особен акцент на онаа од полските композитори. Покрај камерните дела, ансамблот често изведува и ораториуми и кантати. Досега се претставил на најголемите фестивали во Полска, има издадено неколку компакт-дискови, од кои значајни се оние со музика на полскиот композитор Гжегож Гервази Горчицки.
 

Содржината е прочитана 30 пати.