Инфо

Со враќање на буквите од пораката на Тито на Музејот на град Скопје ќе почне одбележувањето на 55 години од катастрофалниот земјотрес

Настанот насловен како „Зборува Скопје“ во четири дена ќе обедини ликовна, театарска, филмска и мултимедијална уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата

четврток, 19 јули 2018

Со враќање на буквите од пораката на Јосип Броз Тито на источната страна на Музејот на град Скопје, во понеделник, на 23 јули ќе почне одбележувањето на 55 години од земјотресот во 1963 година.

Настанот насловен како „Зборува Скопје“ во четири дена ќе обедини ликовна, театарска, филмска и мултимедијална уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата. Со 20-ина случувања на неколку локации симболично ќе се врати меморијата 55 години назад, кога во кобното јулско утро во пет часот и 17 минути Скопје го погоди катастрофален земјотрес.

„Пораката која долго беше сведок на историската солидарност што Скопје ја доби од светот по разорниот земјотрес и беше препознатлив нераскинлив дел од Музејот и градското јадро, повторно ќе се врати на своето место. Овој настан симболично наречен ’Солидарноста се враќа дома’ ќе биде проследен со активности во Музејот на град Скопје“, велат градските власти.

Музејот на град Скопје, Графити галеријата во ГТЦ, КИЦ, Музејот на современата уметност, платото пред МКЦ, ќе бидат местата кои во овие четири дена за скопјани ќе понудат интересни настани што ќе можат да се погледнат само во рамките на оваа манифестација. 

„Тивка реконструкција на земјотресот“, перформанс на Билјана Радиноска и „Сонува Скопје“, краткометражен филмски колаж на Дина Дума, се дела на нашите млади уметници што ќе бидат дел од централниот настан на 25 јули што ќе се одржи во Графити галеријата на ГТЦ. Потоа ќе следува концертот „Разговор со смисла“ на Mammoth & Yashem, настап во живо на Тодор Караколев и затворен џем сешн со музичари од новата скопска сцена.

„Освен визулено изненадување за посетителите, со овие настани сакаме да ја потенцираме и архитектонската важност на ГТЦ за Скопје и да го вратиме урбаниот дух во централното градско подрачје“, велат организаторите.

Организацијата на жените на град Скопје, 55-годишнината ќе ja одбележи со поетско читање, а на 26 јули, со почеток во 5,17 минути, времето кога се случил земјотресот со аудиоакција на пет различни локации низ градот, во организација на Група урбани уметнички акции и на Центарот за современи уметности, ќе се потсетат граѓаните на трагичниот настан.

Традиционално ќе се одржи и крводарителската акција, а организационен одбор ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел.

Здружението за волонтерско работно и едукативно ангажирање „Акцијаши“ на територијата на општина Гази Баба ќе организираат работни акции во периодот од 23-28 јули, како и богата едукативна културна програма во акцијашкиот камп во студентскиот дом „Стив Наумов“.

„’Зборува Скопје’ ги повикува граѓаните заедно да ги проследиме настаните, да се потсетиме на трагедијата која го разори нашиот град и да упатиме порака дека не сме ја заборавиле поддршката што пред 55 години ја добивме од целиот свет и дека го сакаме нашиот град, неговата култура и уникатната урбаност која ќе ја негуваме во иднина“, велат од Град Скопје.

 

Содржината е прочитана 93 пати.