Бизнис вести

Косово ги усвои заштитните мерки за земјоделските производи, не е исклучено Македонија да воведе контрамерки

Косовската влада донесе одлука за плаќање дополнителна царина во висина од 30 отсто за увоз на 21 земјоделски производ што влегува од било која земја. Привремените мерки ќе траат 90 дена

среда, 18 јули 2018

Од утре стапуваат на сила заштитните мерки за земјоделските производи од Косово откако косовската влада донесе одлука за плаќање дополнителна царина во висина од 30 отсто за увоз на земјоделски производи.

Македонското министерство за земјоделство денеска било известено од косовската страна дека привремените заштитни мерки ќе траат 90 дена, а ќе се однесуваат за 21 производ кој влегува од која било земја, што значи и од Македонија.

На листата земјоделски производи што ќе подлежат на новите привремени царински мерки се: компири, домати, пиперки, краставици, лубеница, диња, зелка, спанаќ, кромид, морков, монокултурен грав, јаболки, круши, сливи, цреши, јагоди, малини, капини, пченка, како и сите варијанти на салата.

Министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши вели дека мерката не е насочена само кон нашата земја, бидејќи се однесува на сите држави во светот кои извезуваат земјоделски производи во Косово. Но, потенцира дека денеска ќе се анализираат евентуалните последици по македонските производи по што ќе се завземе конкретен став дали ќе бидат воведени контрамерки од страна на Македонија.

„Воведувањето 30-отстотна царина за увоз на земјоделски производи во Косово не значи трговска војна меѓу Македонија и Косово. Имајќи ги предвид сите меѓународни договори, имаме обврска и ние да преземеме наши мерки. Тие ќе бидат анализирани во соработка со Министерството за земјоделство и Царинската управа, но истовремено ќе бидат разгледувани и во склоп на Секретаријатот на ЦЕФТА и со другите членки и држави“, рече Бектеши по средбата со косовскиот министер за регионален развој Расим Демири.

Бектеши потенцираше дека македонската страна не била навремено информирана за воведувањето на мерката, иако согласно ЦЕФТА Договорот Косово било должно навреме да ги информира сите земји членки за намерата за воведување царини.

„Како Министерство за економија и Влада не сме биле информирани, а во разговор со Секретаријатот на ЦЕФТА дознав дека не биле информирани ни другите членки на ЦЕФТА. Зошто косовското Министерство за трговија и индустрија не ја информирало ЦЕФТА за мерките што предвидувале да ги преземат, треба да одговорат тие, бидејќи, според моите сознанија, токму тие ја предложиле мерката“, рече Бектеши.

Министерството за трговија на Косово уште минатата недела донесе одлука да се воведе привремена заштитна царина на 21 земјоделски производ, на што веднаш бурно реагираа косовските трговци на овошје и зеленчук и побараа одлуката да се укине бидејќи сметаат дека е дискриминирачка и ќе ги поскапи земјоделските производи.

Иста реакција имаше и од страна на македонските земјоделци. Тие велат дека ваквата одлука ќе се одрази негативно на нивното производство и дека овошјето и зеленчукот ќе поскапат и на домашниот пазар.

Од Стопанската комора на Северозападна Макеоднија велат дека оваа одлука на косовската Влада е погрешен потег кој може да има негативни ефекти врз бизнисот и спротивна на Спогодбата на ЦЕФА, чии потписници се и Македонија и Косово, па поради тоа треба да се преиспита.

Извршниот директор на оваа Комора, Дрилон Исеини вели дека доколку Косово не ги исполнува обврските што ги има преземено со Спогодбата на ЦЕФТА, тоа ќе влијае негативно на репутацијата на земјата. Потенцирајќи дека Косово е најзначајниот партнер во трговската размена со Македонија, тој истакнува дека на одлуката реагираат и добавувачите од Косово кои сметаат дека немаат потенцијал од нивните ресурси да се исполнат реалните потреби.

Инаку, од почетокот на годинава извозот во Косово изнесува 6.020 тони земјоделски производи во вредност од 93 милиони денари, а во 2017 бил 9.400 тони, или 145 милиони денари.
 

Содржината е прочитана 32 пати.