Инфо

Министерството за здравство и организацијата „Проект Хоуп“ ќе ги зајакнуваат и доопремуваат родилиштата

Ќе бидат обезбедени стандардни пакети опрема за гинеколошките и педијатриските оддели на Клиничката болница во Тетово и Општата болица во Куманово во вредност од над 200.000 долари, а до крајот на годинава и централна станица за фетален мониторинг за Специјалната болница за гинекологија и акушерство ’Мајка Тереза’ во Чаир

среда, 18 јули 2018

Претставници од организацијата „Проект Хоуп“ ќе извршат проценка на постојните капацитети на неколку родилишта низ државата со цел нивно зајакнување, при што посебно внимание ќе биде посветено на состојбата со опремата. Во тој контекст ќе бидат обезбедени стандардни пакети опрема за гинеколошките и педијатриските оддели на Клиничката болница во Тетово и Општата болица во Куманово во вредност од над 200.000 долари.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска на прес конференција информираше дека паралелно е обезбедена нова опрема за Клиниката за детски болести за доопремување на Одделот за интензивна нега. Дел од таа опрема се и специјален транспортен монитор за пациенти, кој е компатибилен за магнетна резонанца и централна станица за мониторинг на пациенти.

„До крајот на годинава ќе се обезбеди и централна станица за фетален мониторинг за Специјалната болница за гинекологија и акушерство ’Мајка Тереза’ во Чаир, во вредност од 70.000 долари“, рече Филипче.

Тој потенцираше дека Министерството, во соработка со „Проект Хоуп“ организира работилница во насока на намалување на мајчината и новороденечката смртност во државата. Истакна дека смртноста на новороденчињата е намалена од 24,4 на 17,7 проценти во првите шест месеци во однос на истиот период лани.

Јан Ван ден Берг од „Проект Хоуп“ рече дека веќе 2,5 години работат на проектите во Македонија, а имале тренинзи за намалување на перинаталниот морталитет и морбидитет кај новороденчињата.

„Денеска сме тука да го решиме проблемот со кој се соочувавме пред многу години во Холандија. Тука имате проблем со опремата, треба да се направат тренинзи на медицинскиот кадар, да се направат организациски промени, да се воведат услуги. Целта на овој состанок е тоа да се подобри“, рече Ван ден Берг и потенцираше дека веќе се испратени неколку доктори во Германија и во Холандија каде учат нови процедури кои се уште не се употребуваат во Македонија.

„Соработуваме со Универзитетот во Бон и Амстердам. Вашите доктори имаат големо знаење, меѓутоа им недостига уште малку тренинг за да можат да ги направат сите тие процедури“, додаде Јан Ван ден Берг.
 

Содржината е прочитана 56 пати.