Бизнис вести

Се поизвесна е продажбата на НЛБ од Љубљана

Иако засега никој официјално не кажува каква ќе биде судбината на подружниците на словенечката банка во земјите во регионот, се погласно може да се слушне дека и за банката во Скопје ќе се бара нов газда во пакет

среда, 18 јули 2018

Владата на Словенија донесе одлука за повторен старт на продажбата на две третини од Нова Љубљанска Банка (НЛБ), која е во државна сопственост. Процесот на продажба формално ќе почне на 1август.

Засега никој официјално не кажува каква ќе биде судбината на подружниците на словенечката банка во земјите во регионот, во кои спаѓа и НЛБ банка од Скопје, чиј целосен сопственик е токму НЛБ од Љубљана, а е една од најуспешните подружници. Сепак, се погласно може да се слушне дека и за банката во Скопје ќе се бара нов газда во пакет.

Неодамна НЛБ како мнозински сопственик го продаде НЛБ Нов пензиски фонд во Македонија чиј нов сопственик е Сава РЕ.

Продажбата на НЛБ од Љубљана е актуелна во последните две години, но досега постапката постојано се одолговлекуваше. Во план е да се продава на јавна понуда и тоа во брза постапка. Како што пишува „Фактор“, до крај на оваа година треба да се продадат 50 отсто од акциите плус една акција, а останатиот дел до 75 отсто минус една акција до крајот на 2020 година. Процедурата за продажба ќе ја води државниот фонд СДХ, исто како и лани, но тогаш процесот, што беше доведен речиси до самиот крај, не заврши поради неприфатливата цена што била понудена за акција.
 

Содржината е прочитана 202 пати.