Инфо

Ноќта меѓу 27 и 28 јули ќе има целосно затемнување на Месечината, ќе може да се набљудува и од Балканот

Се очекува затемнувањето да трае еден час и 43 минути, што е најдолгото затемнување во овој век поради тоа што Месечината ќе се најде во една од најоддалечените точки од Земјата

вторник, 17 јули 2018

Ноќта меѓу 27 и 28 јули ќе дојде до целосно затемнување на Месечината, а феноменот ќе може да го набљудуваат и жителите на Балканот.

Во случај на поволни метеоролошки услови, односно ведро небо, луѓето оваа појава ќе можат да ја гледаат со голо око и со двоглед. Се очекува затемнувањето да трае еден час и 43 минути, а научниците велат дека тоа ќе биде највидливо во Југоисточна Европа.

Ова ќе биде најдолгото затемнување во овој век, поради тоа што Месечината ќе се најде во една од најоддалечените точки од Земјата, што значи дека сенката ќе биде поголема отколку кога има вообичаено затемнување. Затоа, Месечината, поради ефектот познат како Рајлиева дисперзија (Rayleigh scattering), ќе изгледа особено црвено.

Покрај помрачувањето на Месечината, ќе можат да се набљудуваат и планетите Венера (на почетокот од ноќта), Јупитер, Сатурн и Марс. Во исто време, Марс ќе биде најблиску до Земјата во последните 15 години и затоа ќе изгледа посветло од нормално.

Сите фази на помрачувањето на Месечината ќе бидат видливи од областите на Индискиот океан, Индија, Источна Африка, Арапскиот полуостров и подрачјето на Каспиското море.
 

Содржината е прочитана 134 пати.