Бизнис вести

Невремето го намали квалитетот на тутунот, дали ќе ја намали и откупната цена

Од Стопанската комора на Македонија очекуваат пониски откупни цени на тутнот и проценка во пониски класи, но тутунарите се надеваат дека временските прилики ќе бидат поволни во наредниот период и оти ќе добијат квалитет како лани

вторник, 17 јули 2018

Проценка во пониски класи поради намален квалитет на тутунот, а со тоа и пониски откупни цени очекува Стопанската комора на Македонија од годинашната реколта. Оттаму велат дека годинава површините под тутун се за 10 проценти поголеми од лани, но оти врнежите кон крајот на јуни и на почетокот на јули, како и невремето минатата недела предизвикаа појава на болести и штетници што негативно се одрази и на квалитетот и на количините тутун.

Но, тутунарите не се согласуваат со тоа дека откупната цена на тутунот годинава ќе бие пониска, иако се согласни дека неповолните временски услови се одразија врз квантитетот. Од тие причини засега е и неизвесно дали ќе се испорачаат договорените 27 милиони килограми.

„Не верувам дека ќе има пониска откупна цена, бидејќи сега се берат долните берби, а тие и лани и не беа со добар квалитет. Очекуваме во наредниот период временските прилики да бидат поволни и да добиеме квалитет како лани.

Но, точно е дека количините се намалени. Фирмите бараат околу 27 милиони килограми тутун, количини за кои склучивме и договори, но, по невремето, прашање е дали ќе има максимум 20 милиони килограми“, вели за МИА претседателот на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија, Кире Неделковски.

Тој појаснува дека при склучување на договорите тутунарите имале повеќе средби со откупувачите при што ги искажале барањата за покачување на цената по класи за 20 отсто, како и за намалување на разликата во класите при проценката на квалитетот. Производителите бараат цената за прва класа да се зголеми за 10, а за трета за 30 отсто, со оглед на тоа дека поголем дел од тутунот оди во втора класа.

Неделковски смета дека интересот за тутунопроизводство во Македонија се враќа, особено по зголемувањето на субвенциите кои за прва класа изнесуваат 80 денари, за втора 70, а за трета, четврта и за подолните класи 60 денари.

За годинашата реколта се склучени 34.105 договори, а се пријавени 14.669 хектари тутун и производство од 28 милиони килограми. Лани, пак, имаше засадени 14.415 хектари и беа склучени 29.354 договори. Беа пријавени 26.630 килограми тутун, но се откупија 23.500 килограми по просечна цена од 217,70 денари за килограм. Дури 93 проценти од ланската реколта беше проценета во највисоките прва и втора класа.
 

Содржината е прочитана 84 пати.