Инфо

Американската „Дура“ почнува со изградба на фабрика во Македонија

Почетната инвестиција изнесува 18 милиони евра, а за 10 години се планирани вложувања од 38 милиони евра и 500 работни места. Во фабриката ќе се произведуваат екстериерни алуминумски лајсни и кровни носачи за европските производители на автомобили

понеделник, 16 јули 2018

Американската компанија „Дура аутомотив системс“ денеска почна со изградба на свој производствен капацитет во Технолошко-индустриската развојна зона кај Скопје. Почетната инвестиција изнесува 18 милиони евра, а за 10 години се планирани вложувања од 38 милиони евра и 500 работни места.

Во новиот капацитет, којшто треба да стартува со работа во средината на наредната година, на површина од 16.000 квадратни метри ќе се произведуваат екстериерни алуминиумски лајсни и покривни носачи за европските производители на автомобили.

„Во споредба со останатите избори, Скопје има севкупна супериорна оценка и е најдобра по однос на способноста на работната сила, ангажман од страна на Владата и веројатно за успешен процес на работа“, рече Мајк Бекет, потпретседател на „Дура“ објаснувајќи ги причините зошто токму Македонија е избрана за изградба на нивниот нов капацитет.

Премиерот Зоран Заев потенцираше дека почетокот на изградбата на американската фабрика е показател дека Македонија сериозно се позиционира како стабилна и долгорочна дестинација за инвеститорите. Тој е уверен дека поканата за членство во НАТО, како и почетокот на преговори со ЕУ ќе резултираат со уште поголема доверба и нови инвеститори, бидејќи членството во НАТО ќе обезбеди сигурност за инвестициите и нивно зголемување.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев нагласи дека капацитетот на „Дура“ е деветта американска инвестиција. Како што рече Македонија е горда што 40 проценти од капиталот во зоните е од САД

Инаку, компанијата „Дура“, со седиште во Мичиген, е основана во 1914 година и вработува повеќе од 9.400 лица во 14 земји во светот. Фабриката во Македонија е нејзина 37. инвестиција во светот и 16. во Европа. Од неколку технолошки центри во Јужна и Северна Америка и во Европа „Дура“ развива целосни системи и модели за водечки производители во автомобилската индустрија како „Ауди“, „Фолксваген“…

 

Содржината е прочитана 51 пати.