Култура

Најпознати руски квартети вечерва на „Охридско лето“

Делата од Петар Илич Чајковски и Дмитри Шостакович на публиката ќе и ги долови гудачкиот „Квартет Филхармонија“

понеделник, 16 јули 2018

Фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата „Света Софија“, на љубителите на уметноста ќе им приреди концерт со најпознатите руски квартети од Петар Илич Чајковски и Дмитри Шостакович. Делата од руските композитори на публиката ќе и ги долови гудачкиот „Квартет Филхармонија“.

Овој музички состав е релативно нов на македонската класична сцена, формиран е во октомври 2017 година од помлади членови на оркестарот на Македонската филхармонија. Ана Кондратенко ја има првата виолина во квартетот, Бојан Илкоски е втора виолина, додека Бојан Талески свири на виола, а Марија Михајловска на виолончело во овој гудачки квартет.

Вчеравечер, пак, во уникатниот амбиент на катедралната црква „Света Софија“ публиката имаше можност да присуствува на незаборавен концерт. Акапела секстетот „Д’Квин Сикс“ со своето совршено акапела пеење, со уникатноста и атрактивноста, но и со постојаната комуникација со публиката предизвика вистинско воодушевување кај посетителите. Контратенорите Даниел Бритејн, Тимоти Карлстон, тенорите Николас Маден и Доминик Бланд, баритонот Ендрју Томсон и басот Сајмон Вајтли се претставија со мешавина од музика, почнувајќи од сакрална до модерни комбинации или трендови, репертоар соодветен за секој слушател. Публиката не ги криеше своите впечатоци за настапот на уметниците кои редовно се претставуваат пред кралското семејство во Велика Британија.

А, актерите од Народниот театар од Охрид, вчера, во рамки на фестивалот „Охридско лето“ ја одиграа вонвременската театарска претстава „Стаклена Менажерија“ од Тенеси Вилијамс. Комплекси, несигурност, суровост на современиот човек кој ја загубил смислата за солидарност и сочувство кон послабите, оваа реална слика оригинално ја доловија охридските актери Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Адријана Билаловиќ –Тодороска и Филип Кипровски. Режисер на претставата е Софија Ристевска- Петрушева, која е потписник на над 30 театарски претстави во институционални и независни театри низ Македонија, Бугарија и Србија.
 

Содржината е прочитана 50 пати.