Бизнис вести

Доделени 10,5 милиони евра грантови за 80 домашни компании

Компаниите што добија средства преку мерките од третиот столб на владииот План за економски раст се од разни сектори. Од нив 60 проценти се од Скопје, а 40 од другите градови

петок, 13 јули 2018

Вкупно 80 домашни средни, мали и микро компании денеска добија грантови во висина од 10,5 милиони евра преку мерките од третиот столб на владиниот План за економски раст. Чековите ги доделија премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

„Компаниите на кои денеска им доделуваме грантови се компании кои сакаме да ги видиме извозно ориентирани, успешни во светот, компании кои ќе го поддржат економскиот развој“, рече Анѓушев.

Премиерот Заев, пак, истакна дека Владата подеднакво ги помага и домашните и странските компании. Поенцирајќи дека државата останува нивен партнер и сервис во реализација на нивните планови, тој ги повика бизнисмените да имаат доверба во институциите чие функционирање ќе се подобрува и ќе се приближува кон европските стандарди по добивањето на поканата за членство во НАТО.

„Ова нека биде позитивен пример кој ќе ги мотивира и другите компании да создаваат квалитетни проекти и да влезат во инвестиции“, рече Заев.

Директорот на Фондот за иновации, Деспотовски рече дека со доделувањето на овие средства е важно дека зад секој 1,4 денар инвестиција од државата, приватната компанија инвестира денар. Тој потенцираше дека пристигнатите апликации се разгледани за многу краток временски период и дека одлуки се донсени за 33 дена.

„Во тие 33 денови навистина видовме добри проекти. Имаме ИТ компании, но и од други сектори. Поголем дел, односно 60 отсто се компании од Скопје, а 40 проценти се од другите градови како Струмица, Неготино, Прилеп…“, рече Деспотовски, кој очекува втор инвестициски бран да биде реализиран многу брзо

Најавувајќи нов повик на есен, Деспотовски ги повика оние компании што аплицираа, а не добиле средства, да се јават на новиот повик.

 

Содржината е прочитана 84 пати.