Култура

Утре почнува „Охридско лето“, најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија

Фестивалот ќе го отворат големите оперски ѕвезди, сопранистката Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску, под диригентската палка на Николае Молдовеану и во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија

среда, 11 јули 2018

Најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија, „Охридско лето“,традиционално, ќе започне, на 12 јули, на Античкиот театар во Охрид, со почеток во 21 часот. Големите оперски ѕвезди, сопранистката Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску, под диригентската палка на Николае Молдовеану и во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија ќе приредат незаборавно доживување за посетителите на Антички театар. За отворен, Фестивалот ќе го прогласи за отворен покровителот, претседателот на државава д-р Ѓорге Иванов, а ќе се обрати и министерот за култура, Асаф Адеми. Уметничката порака годинава ќе ја пренесе познатиот македонски актер Никола Ристановски.

Големата светска оперска певица Елена Мошук, една од петте најдобри сопранистки, не го криеше задоволството што е дел од еден голем културен бренд, фестивалот „Охридско лето“, но и што престојува во, како што рече, прекрасен град како Охрид.

„Првпат сум во Македонија. Немав многу слушнато за фестивалот ’Охридско лето’, но, кога прочитав на интернет видов дека е фестивал со огромна традиција на кој настапиле многу светски имиња. Одбравме репертоар од најпознати, најпопуларни оперски арии и се надеваме дека ќе уживате во прекрасната вечер на која ќе настапиме заедно со оркестарот на Македонската филхармонија“, рече Мошук.

Романскиот тенор Калин Братеску, кој исто така првпат е во Македонија, изјави дека е почестен што е поканет на толку голем и значаен фестивал.

„Со Елена соработуваме долго време. Ви ветуваме, заедно со маестро Молдовеану и оркестарот на Македонската филхармонија еден прекрасен концерт“, најави тенорот Братеску.

Николае Молдовеану, под чија диригентска палка ќе настапат оперските уметници и оркестарот на Македонската филхармонија изјави дека е голема честа што заедно со неговите колеги ќе придонесат на уметнички начин во убавината на фестивалот „Охридско лето“.

„Јас веќе имав можност да соработувам со Македонската филхармонија, пристигнав вчера и веќе имавме една проба. Концертот ќе го почнеме со една увертира, а потоа продолжуваме со италијански оперски дела и со неколку француски арии од опери. Би кажал дека ќе стане збор за еден популарен репертоар којшто е познат на сите, бидејќи вакви концерти од отворен тип не се обични културни настани, туку имаат и свое политичко значење затоа што ние уметниците сме еден вид амабасадори на културата кои пробуваме на своевиден начин да помогнеме во зачувувањето на мирот“, рече маестро Молдовеану.

Шефот на оркестарот на Македонската филхармонија, Горан Муратовски потенцираше дека е голема чест што Македонската филхармонија е традиционален гостин на фестивалот „Охридско лето“ нагласувајќи дека очекува голем спектакл на свечното отворање на Антички театар.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Васо Ристов, пак, им изрази огромна благодарност на големите уметници што прифатиле да бидат главни учесници на спектакуларното отворање на најголемата културна манифестација во Македонија.

Градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски посакувајќи им добредојде на уметниците потенцираше дека Општината и натаму ќе дава безрезервнаа поддршка на фестивалот како голем македонски и европски културен бренд.

Во текот на 40 фестивалски вечери „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста. Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби, ликовна, изложба на фотографии и на современ накит. Фестивалот и градот Охрид ќе бидат домаќини на над 800 уметници од 27 држави од Европа и светот.

Според директорката на фестивалот Сузана Вренцовска сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани се оспособени за уметниците, како и за посетителите кои од година во година ги има во се поголем број. Таа најави дека за следната година е планирана изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот.

 

Содржината е прочитана 46 пати.