Култура

Единствени вајарски дела од белиот прилепски мермер

„Нашата сила и тимски потенцијал ќе ги концентрираме на идејата да бидеме центар кој се грижи, претставува, застапува и ги продава нашите уметници, се со цел да им создадеме услови за постојан креативен развој“, рече Јана Јанеска Ристески, генерален менаџер на Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп по завршувањето на 55. Интернационален скулпторски симпозиум „Мермер“ и 61. Ликовна колонија

среда, 11 јули 2018

Убавината на белиот прилепски мермер, надалеку познат како „сивец“ впечатливо се излеа низ новите скулптури направени на последниот Интернационален скулпторски симпозиум „Мермер“ кој неодамна се одржа во Прилеп одбележувајќи 55 години јубилеј. 

Одличен за обработка, мермерот ги создава, низ децениите прекрасните скулптури, ремек дела на врвни домашни и странски вајари и скулптори и го напрви Прилеп отворена галерија на скулптури. Треба само да го прошетате центарот на градот и да се уверите во овие непроценливи дела создадени од вајарите, но и од издашноста на природата која го дала ова непроценливо богатство во околината на Прилеп. Невиноста на белината произлегува од прекрасната перница изработена од бел мермер која те повикува да ја допреш, да го ставиш образот на неа. Оваа импозантна форма направена оваа година од единствената жена вајар во Хрватска која работи во камен, Марина Стопоња, само ја надополнува нашата приказна за прилепскиот мермер од кој беа изработени и бројни други дела од гостите вајари.

Задоволни од условите за работа што им беа понудени во Мермерниот комбинат Прилеп, од гостопримливоста на домаќините Горан Ристески, претседател на Центарот за современа ликовна уметност Прилеп и Јана Јанеска Ристески, генерален менаџер на Центарот, вајарите искажаа задоволство што се присутни на симпозиумот и надеж за повторна посета на Прилеп. Своето задоволство од прошетката низ градот со скулптури и видената работа на самите вајари, го искажа и Весна Јововиќ, директор на сликарската и вајарска колонија од Даниловград, Црна Гора. 

А, Прилеп живееше и дишеше и низ ликовните дела што до крајот на 61-та Сликарската колонија ги финализираа уметниците од Македонија. Нивната дружба во текот на колонијата, збогатена со свечена манифестација, претставува вистинско богатство за семејството Ристески, а особена радост за Јана Јанеска Ристески, која на завршувањето на овој проект кажа:

„Размислувајќи во моментов за сите уметнички и општествени случувања што изминатиот период успеавме како ЦСЛУ Прилеп да ги организираме, презентираме и одржиме, морам да кажам дека сме исклучително задоволни. Убава е мислата и многу големо е задоволството кога напати случувањата и резултатите ги надминаа дури и нашите очекувања. Имавте можност да видите и самите дека имавме направено одличен избор на меѓународни скулптори, слободно можеме да се пофалиме дека дел од нив се познати во меѓународни рамки и да, дека имаме можност и традиција која ни овозможува да носиме големи имиња.

 И, сигурно тука нема да застанеме. Пофалните зборови од учесниците се уште пристигнуваат, но, свесни сме за нашите недостатоци и веќе активно размислуваме како следната година да бидеме подобри и барем одлични, ако не можеме да бидеме совршени. 

Морам да нагласам дека огромно ми е задоволството што склупторите оставија дела кои на очигледен начин ја отсликуваат нивната креативност, оргиналност и иновативност. Дела кои несомнено се впишуваат во современите уметнички текови, дела кои се мошне сугестивни и отвораат поле за индивидуални дожувувања, дела кои отвораат нови перспективи и имаат вредност да инспирираат нови идејни решенија за идните генерации. Учесниците беа воодушевини и почестени дека во рацете го имаат светски познатиот прилепски сивец, кој за миг се претвори во идеална алатка за нивното уметничко ’изживување’. Прилеп е горд на својата отворена мермерна музејска постановка и овие дела многу набрзо ќе го збогатат и оплеменат јавниот простор во градот. Многу од нашите скулптури, освен во градот, може да се пронајдат во редица репрезентативни државни институции.


Во однос на ликовната колонија, посебно не радува огромниот одзив на прилепските сликари, во кои како одново да се возобнови идејата дека повторно, сите заедно сме доволно силни да го вратиме приматот на претпознатлив уметнички град, кој иницира и град кој поворно може да се протвори во атрактивно место за живеење и творење. Не случајно говорам за ова повторно враќање на нашите локални уметници, бидејќи, неколкуте минати години беа исклучително тешки за целокупното културно живеење во нашиот град. Вкупно се создадени 25 дела од кои добар дел се впишуваат во рамките на традиционалното сликарство, но, да не заборавиме да нагласиме дека некои од присутните сликари апсолутно не изненадија со идејните решенија кои говорат за нивното широко познавање на сликарството и новите тековни трендови“, рече Јанеска Ристески. 

Таа и тимот од ЦСЛУ Прилеп гледаат на иднината со уште поголем ентузијазам. Аманетот од нејзиниот дедо Бошко Бабиќ и семејната традиција ги продолжуваат со несмален елан, но со визија што се вклопува во современото културно живење и творење

„Иднината мора да биде водена од промените кои сакаме да ги имплементираме и од визијата која нашиот тим си ја постави како цел. Ќе го вложиме нашето знаење и труд да се шириме меѓународно, да поставуваме нови стандарди и да ја возродиме ликовната уметност како една од најважните нишки на културното и општествено живеење. Нашата сила и тимски потенцијал ќе ги концентрираме на идејата да бидеме центар кој се грижи, претставува, застапува и ги продава нашите уметници, се со цел да им создадеме услови за постојан креативен развој. Сето ова, верувам дека е реално и дека нашиот тим, посебно сакам тука да ги истакнам Горан Ристески, Никола Смилков и Звонко Димоски, е способен да ја реализира замислената визија. Само слободна уметност, само неоптоварен авторски потенцијал, потпомогнат со знаењето на културните менаџери и волјата на одговорните лица во државните структури, може да се претвори во моќна алатка за промоција, реактуелизација и зацврстување на она што, широко разбрано, го нарекуваме културен код“, заклучува на крајот Јана Јанеска Ристески.

 

Содржината е прочитана 511 пати.