Бизнис вести

Сојузот на стопански комори и УЈП во заедничка борба против сивата економија

Првите луѓе на двете институции потпишаа меморандум за соработка и координарно справување со нелојалната конкуренција

среда, 11 јули 2018

Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска потпишаа Меморадум за соработка во насока на координирано справување со сивата економија и нелојалната конкуренција.

„Без координирана акција на стопанството, УЈП и граѓаните нема механизам да се откријат нерегистрираните субјекти, затоа што тековите на пари им се готовински. Тоа сакаме да го пресретнеме и тие да влезат во системот, бидејќ целта не е да бидат казнувани, туку да влезат на пазарот и да бидат лојална конкуренција“, рече Арсовска.

Штетите од работата на нерегистрираните фирми се огромни за државниот Буџет, а само по продукт од ИТ индустријата изнесуваат шест милиони евра. Последните податоци на меѓународните организации говорат дека во Македонија секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори. Како што појасни Арсовска, од учесниците на пазарот, оние кои работат без фирма се за 50 отсто поконкурентни од регистрираните, бидејќи не плаќаат ДДВ и продонеси, а тековните трошоци ги плаќаат како лица наместо како регистрирана фирма.

Директорката Лукаревска рече дека УЈП работи на подготовка на национална стратегија за фискализација, но и на други проекти, а во нацрт фаза е нов закон за прекршоци, што треба да ја ублажи казнената политика за фирмите.

„Треба да се направат промени во делот на критериумите за одредување на глобата со член 39. Законот треба да се донесе што поскоро и врз основа на тоа еден од сегментите ќе биде и намалување на сивата економија“, рече Лукаревска, забележувајќи дека за некои прекршоци има премали казни, а за некои превисоки.

Инспекциските служби на УЈП се постојано на терен и притоа се утврдуваат исти неправилности по неколку пати. Лукаревска рече дека и оваа година ќе бидат контролирани сите големи летни настани каде постои простор за неиздавање фискални сметки.

Извештајот на ОЕЦД покажува дека сивата економија учествува со дури 25 отсто во вкупната економија на Македонија, додека извештајот на ЕУ потенцира дека сивата економија останува главна пречка за бизнисот и влијае на конкурентноста на формалниот приватен сектор.

 

Содржината е прочитана 55 пати.